Добро е сите политички партии во македонскиот парламент да имаат согласност и да се единствени кога се работи за одредени прашања не само од секојдневниот живот и се суштински и значајни од повеќе аспекти, но тука ги вбројувам и мошне компликуваните теми и прашања, особено од сферата на надвврешната политика, вели во разговор за „Локално“ Љупчо Арсовски, дипломат од кариера и прв Амбасадор на Македонија во Грција, кој го прокоментира носењето на Предлог-законот предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации кој предизвика рекации во Бугарија.
Арсовски појаснува дека со оваа едногласност од страна на пратениците, Софија разбрала дека сепак ќе мора да избира личности и настани кога ќе отвора здруженија во земјава.
-Реакцијата на оваа единственост на нашите парламентарци официјална Софија ја дочека со големо негодување што е разбирливо дека не можат да го возвратат со напад познат како „раздели ги и владеј“ . Овде особено е важно дека Софија разбра дека сепак ќе мора да избира личности , настани и сл. кои може и треба да не збилижуваат, а да не се тоа имиња кои останале со црни и крвави букви во историјата на нашата држава, Балканот и пошироко, подвлекува тој.
Во врска со коментарот на лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов кој смета дека по донесувањето на законот за здруженија во Македонија, Бугарија треба со новото Собрание да возврати со вето, поранешниот дипломат потенцира дека „ветото треба да се употребува во крајно сериозни ситуации или кога земјата е загрижена заради сопствениот интерес во сфери од голема важност“.
-Ова се кусогледи и смешни предлози, лош пример за театралност, естрадност во потрага по гласачи. Секоја сериозна европска земја мора да знае дека за сите постапки мора да има одговорност. Ветото треба да се употребува во крајно сериозни ситуации или кога земјата е загрижена заради сопствениот интерес во сфери од голема важност. По првите денови од објавувањето на нашата независност изгласана на реферндум, Бугарија покажа посебен интерес, но и чудно однесување во предворјето на 21 век. Ја признаа нашата држава како Република Македонија ама не и македонскиот јазик и нашата историја, појаснува поранешниот амбасадор.
Според него, културните луѓе, писатели, интелектуалците на Бугарија го препознаваат небулозното однесување од страна на сопствената земја.
-Бугарија можеше на многу начини да покаже дека сме добри соседи со испреплетена историја што е приридно и од тоа да направи дури „Балканско чудо“. Во тие времиња Бугарија се заведе со поддршка од една европска земја, ама на крајот остана сама на ветрометината на една дамнешна историја потпирајќи се на две до три илјади луѓе кои се чувствуваат за Бугари што е нивно легитимно право ама кои ги уживале и ги уживаат погодностите и правата на демократијата. Нешто што на Македонците во Бугарија по Втората светска војна им е дадено а потоа им е ускратено и одземено како универзално право и критериум и во самото е европско семејство на држави со народи и народнсоти. Сега „топката е во бугарскиот но и во европскиот двор“. На потег е демократијата, дециден е Арсовски.
За тоа дали е можно враќање на вето од било каков вид, или на сила останува договореното за францускиот предлог, Арсовски вели дека при составот, на процедурата и донесувањето на францускиот предлог е „направен преседан и , голема грешка во чекори“.
-Но, тоа е зад нас и сега сме исправени пред натамошно наше преставување во ЕУ кое започна со скрининг процесот. Мора да одиме напред. Употребата или желбата за користење на ВЕТОТО како пристисок без аргументи верувам ќе биде препознаено од многу членки на ЕУ .Сакам да верувам дека Бугарија сепак мора да биде земја членка на ЕУ со права ама и со обврски, објаснува дипломатот.
На прашањето дали доколку се случи забрана за отварање на македонски клуб во Бугарија е спротивна на европските вредности, и дали треба Скопје да возврати со забрана, Аросвски коментира дека Македонија не треба да забрани отворање на бугарски културни клубови, но секако како што вели тој „не и со големо „НЕ“ со имиња кои се врзани за фашизмот“.
-Кој не ги читал бројните книги, стенограми, новинарски анализи на југословенско-бугарските односи кои се „прекршуваа“ токму заради Македонија, Македонците, македонскиот јазик, посебно за Македонците во Бугарија кои со сила на политиката и државните пописи се бришеа за што говорат аргументите и фактите ќе разбере веднаш дека со забраната во Бугарија да се отворат македонски клубови , маските на Бугарија паѓаат и сцената е отворена и јасна …..многу европски земји тоа го знаат,Македонија не треба да забрани бугарски културен клуб но секако не и со големо НЕ со имиња кои се врзани за фашизмот или за индивидуални ставови за Македонија и Македонците во еден специфичен период на историјата на Балканот и посебно при крајот на Втората светска војна, посочува тој.
Б.М.