Високо чувствителни разузнавачки информации за Иран и Кина се пронајдени во документите што ги пронашол ФБИ за време на претресот во домот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, открива Вашингтон пост, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.
Станува збор за тајни документи, пронајдени од ФБИ при августовскиот претрес на познатата резиденција на Трамп на Флорида, во кои е опишана разузнавачка работа поврзана со Кина, а најмалку еден од нив се однесува на ракетната програма на Иран, пренесува Ројтерс.
Објавувањето на информациите од документите би донело „повеќекратни ризици“, вклучително и загрозување на луѓето кои ја помагаат работата на американските разузнавачки служби, цитира американскиот весник експерти.
Министерството за правда истражува дали Трамп го прекршил законот земајќи владини документи по напуштањето на функцијата во 2021 година, вклучително и околу 100 доверливи документи што ги преселил во својот имот на Флорида.
Исто така, се истражува дали Трамп или неговиот тим им пречеле на агентите испратени во неговиот дом од ФБИ.
Трамп, пак, е убеден дека претресот има врска со неговата намера да се кандидира по трет пат за американски претседател на изборите во ноември 2024 година.