Диневски: Во наредниот период само 20-30% од луѓето ќе можат да си дозволат да купат месо

од Vladimir Zorba
353 прегледи

Помалите фирми  производители на храна  стравуваат за иднината на својот бизнис  доколку не бидат опфатени со најавената мерка од страна на Владата за поефтина електрична енергија за 150 компании од оваа дејност.

За нив е разбирлив обидот да им се помогне на големите компании, но како што посочуваат, не смее да се пренебрегне фактот дека „најкревки“ се помалите фирми.

„Ние најлесно ќе се откажаме или можеби понатаму ќе продолжиме“, вели за Локално, Тони Диневски, производител на пилешко месо.

Како аргументи во насока на укажувањето на  последиците од поскапувањето на електричната енергија тој ги предочува сметките од последните месеци.

„За потрошена електрична енергија  јас  во август месец  платив 88 илјади денари, а сега плаќам 172 илјади денари. Ова е неверојатно, особено ако се има предвид дека пред  пет години плаќавме 25 илјади денари за потрошена струја и тоа   со истите активности на работа. Што мислите, дали фирма со 10 вработени ќе може да издржи волку зголемена сметка за електрична енергија?“, категоричен е Диневски.

Токму покачената цена на струјата вели тој, е основниот фактор за зголемување на цената на пилешкото.

Веќе се забележува опаѓање на продажбата, што според него е очекувана со оглед на се понискиот стандард на населението.

Запомнете ми ги зборовите дека во предстојните години само 20-30% од луѓето ќе можат да си дозволат да купат месо“,тврди Диневски бидејќи основните прехрамбени продукти веќе стануваат луксуз за поголемиот дел од граѓаните.

Владата најави дека од 1 Декември 150 компании за храна ќе добијат поевтина електрична енергија по фиксна цена. Како ја коментирате оваа одлука, и какви ќе бидат влијанијата врз вашата фирма која е една од поголемите на пазарот за производство на пилешко месо?

-Тоа што беше од Владата најавено, беше за големите фирми, односно за оние што се на слободниот пазар. Сите што се на регулираниот пазар си молчат. Всушност приказната е проста. За потрошена електрична енергија  јас во август месец платив 88 илјади денари за фирма со 10 вработени, а сега плаќам 172 илјади денари. Првиот месец беше 176 000, успеав низ месецот нешто да заштедам  и дојдов до овој износ од 172 илјади. Значи за само неколку месеци, од сметка во износ од 88 000 денари, дојдов до сметка од 176.000 денари, што е двојно повеќе. Што мислите, дали фирма со 10 вработени ќе може да издржи волку зголемена сметка за електрична енергија? Ова е неверојатно, особено ако се има предвид дека истата фирма пред пет години плаќала 25 илјади денари за потрошена струја и тоа со истите активности на работа. Мислев дека сметката од  88 илјади денари што ја добив во август месец ќе биде максимум.  Значи нас ни следуваше дуплирање на сметки а тој факт за мала фирма е многу лош. Луѓето се  потиштени, буквално  убиени. Во ваква ситуација е залудно  се што имаат бидејќи ѕидовите не даваат приходи, туку обртот и работата. По мое видување, на фирмите што произведуваат храна требаше да не им се зголемуваат сметките за струја, односно да бидат максимално покриени.

Според ова што го кажувате, малите фирми за разлика од големите  не се надеваат, ниту пак им е ветена одредена помош во однос на електричната енергија?

-Мојата фирма е на регулираниот пазар. Сега Владата сака да им помогне на големите фирми, односно на оние кој имаат над 50 вработени и трошат повеќе енергија и тоа е во ред, ама ние сме најкревките. Ние најлесно ќе се откажаме или можеби понатаму ќе продолжиме.За нас не кажаа ништо, па не знаеме дали сме опфатени. Она што единствено кажаа дека големите компании можеби ќе ги ставаат на регулираниот пазар. Видов дека за нас, за жал, нема предвидено мерка.

Цената на пилешкото месо е неколкукратно покачена во последните неколку месеци. Дали основната причина се токму покачените цени на електрична енергија?

-Во голем дел да, бидејќи електричната енергија учествува во вкупната цена на производот како голем инпут. Порано, мојот трошок за струја по пиле беше три денари. Сега веќе истата таа ставка изнесува 25 денари по парче, а тоа е значи 10 денари по килограм. Оттука, 10 денари од тоа што вие добивате повисока цена за пилешко месо е за потрошена енергија.

Дали зголемената цена ја намали побарувачката и за колку?

-Ние се обидовме да не ги зголемиме многу цените, ама видовме дека народот е без пари. Нашето пиле се продава во маркет за 200 денари, а Цекин и Перутнина Птуј се продаваат за 260 денари и нагоре. Мислам дека се околу 20 отсто поскапи од нас. Ние очекувавме дека септември е месец на зимници, месец кога родителите ги подготвуваат децата за тргнување на училиште, месец после одмори, ама излезе дека во септември повеќе се продаваше месото отколку во октомври. Се чуствува издишеноста на народот. Луѓето не можат ни да ги купат основните прехрамбени продукти. Не е луксуз да купите литар зејтин, килограм пилешко или свинско. Луксуз е да купите часовник што чини 500 евра, бидеќи кај нас таа е е просечната плата. Сега се соочуваме со ситуација кога месото стана луксуз. Запомнете ми ги зборовите дека во претстојните години само 20-30% од луѓето ќе можат да си дозволат да купат месо.

Продажбата во октомври ни е за 6-10% пониска од онаа во септември. Јас како што веќе ви кажав, од друга страна очекував дека во октомври нема да успеам да ја задоволам побарувачката и излезе страшно.

Можни ли се понатамошни поскапувања на месото кое и онака е веќе прескапо за нашиот џеб?

-Енергијата е многу скапа, а нас ни е неопходен елемент во производството на храна. Ние користиме енергија за да ги стоплиме пилињата, односно таа е потребна речиси во секоја фаза од процесот. Очекувано е да дојде до мало покачување на цената, но ние ќе се обидеме тоа да го избегнеме. Имаме алтернативи како што е вложувањето многу труд, многу пот. Мислам дека цената ќе остане  на ниво на маркети, ама ние како производители ќе трпиме загуба што нема да може да се издржи на подолг период.

Какви се алтернативите? Кои чекори според Вас треба да бидат превземени како во насока на подршка на бизнисот, така и од аспект на заштита на потрошувачите?

-Слушнавме дека државата го дава вишокот струја што се произведува во текот на ноќта на приватни фирми да го тргуваат. Потребно е тој вишок да ни го даде на нас по цената што им ја дава на нив. Ако јас можам да работам од 01 часот до 5 часот наутро по цена на струја којашто ќе биде многу поефтина, јас ќе ги насочам сите сили да работат тогаш, односно во ноќно време.Тоа лесно можеме да го регулираме. Јас имам двотарифно броило и тоа едноставно  може да се направи тротарифно. Исто така би ги посочил соларните панели. Како што во приватните домови се ставаат соларни панели за луѓето да ја стоплат водата така и ние можеме да ги користиме во текот на производството. Ако јас легално си купив соларно панелче за една сијалица, зошто тогаш да не ставам соларни панели за цела фарма. Затоа е потребна да се има апсолутна слобода во делот на поставување соларни панели.Политиката во овој дел треба да се остави по страна бидејќи единствено важно е да опстојат фирмите, а со тоа и да се заштитат потрошувачите и стандардот на граѓаните.

К.В.С.

Слични содржини