Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот треба да ги достават до надлежната институција – ДКСК, за понатамошно постапување, соопштија од СДСМ во однос на аферата „Тајни имоти“ што деновиве ја објави најголемата опозициска партија.
Од „Бихаќка“ велат дека кога се зборува за имоти. „ВМРО-ДПМНЕ прво нека погледне во своите редови и својот дворец“.
-Судската пресуда Талир 2 докажа дека Белиот дворец е стекнат со злоупотреба на милионски суми, врз грбот на граѓаните. Деталниот урбанистички план три пати е менуван за ВМРО-ДПМНЕ да добие 12.000 квадратни метри за седиштето, а на местото на станбена зграда, да никне хотел, стои меѓу другото во соопштението од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција даде рок од 24 часа институциите да ги објават имињата на 123-те функционери.
-Даваме рок од 24 часа институциите сами да ги објават овие имиња, во спротивно од утре ќе ги објавуваме поединечно заедно со имотот кој го кријат. Откако ќе ги објавиме ќе побараме и проверка на потеклото на имот, зошто тајниот имот е таен поради одредени причини, а најголемата е дека истиот би можел да е нелегално стекнат, рече вчера на прес-конференција, пратеникот од редовите на најголемата опозициска партија, Бране Петрушевски.
Од партијата најавија дека денеска во 12 часот продолжуваат со изнесување на нови детали од аферата „Тајни имоти“.