Знаеме од каде се испратени мејловите, вели Спасовски за лажните дојави за бомби во скопските училишта

од Nikola Popovski
378 прегледи

Вчера имавме дојава во 8 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави утрово министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчерашните дојави за поставени бомби.

Тој потенцира никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас.

-Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија, истакна Спасовски.

Запрашан околу санкциите кон сторителите, министерот Спасовски повтори дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата, имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги.

Антитерористичката единица на полицијата на Северна Македонија вчера изврши детална истрага по дојава за бомба во осум училишта на територијата на Скопје и констатира дека е лажна.

Истата анонимна дојава за подметнати бомби прво била испратена до пет средни училишта во Скопје, а потоа до уште три.

Полицијата веднаш ги евакуира учениците во сите тие училишта и направи проверки.

Испраќачот на лажната закана се уште не е идентификуван, а полицијата работи на негово идентификување.

Слични содржини