Донев поканет од Ковачевски за почетокот на изградбата на железничката пруга кон Бугарија

од Nikola Popovski
284 прегледи

Техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев е поканет од неговиот колега, македонскиот премиер Димитар Ковачевски за да присуствува на почетокот на изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор VIII, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, објавија бугарските медиуми. На настанот ќе учествува и бугарскиот вицепремиер за економски политики и министер за транспорт и врски Христо Алексиев.

-Паневропскиот коридор VIII ја поврзува Бугарија со Република Северна Македонија, Албанија и Италија (по море). Тоа е клучна рута во смисла на зајакнување на поврзаноста на регионот, создавајќи интермодална врска помеѓу Црното и Јадранското Море. Коридорот има перспектива да создаде голема додадена вредност за развој на целиот регион. Поради оваа причина, Бугарија, Република Северна Македонија и Албанија прават заеднички напори да го завршат со изградба на главните проекти за железничка транспортна инфраструктура на нивните територии.
Бугарската држава активно работи на вклучување на Коридорот 8 во приоритетната европска транспортна мрежа и поконкретно правецот Софија – Скопје – Дурас – Тирана да биде определен како дел од европскиот коридор „Западен Балкан“. Проширувањето на железничката мрежа ќе има трајно влијание врз обликувањето на прекуграничното движење на патници и товар на одржлив и еколошки начин, во согласност со целите на Зелениот договор и Стратегијата за паметна и одржлива мобилност, стои во соопштението на бугарската влада.

Настанот ќе се одржи в сабота, во 12 часот, во близина на Куманово.

„Македонски железници инфраструктура“ потпиша договор со австриската компанија „Штрабаг“ која треба да ги заврши работите на реконструкција и доизградба на првата делница од трасата, како и со турската „Ѓулермак“ за целосна изградба на втората дел. До крајот на годинава треба да се распише тендер за избор на изведувач на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија.

Слични содржини