Премиерот Димитар Ковачевски изрази длабоко жалење по повод смртта на економистот и политиколог Владимир Глигоров.
-Длабоко сочувство до семејството за ненадејната смрт на д-р Владимир Глигоров. Д-р Глигоров беше познат политиколог и економист чии што истражувања имаа придонес во политиките на државите во регионот. Неговите анализи во делот на макроекономијата, финансии како и економскиот раст на земјите во транзиција, и натаму ќе бидат користени како патоказ при креирање на економските политики. Слава му!, порача Ковачевски.
Глигоров почина во текот на вчерашниот ден на 78-годишна возраст во Виена, Австрија. Тој е син на првиот претседател на независна и суверена Република Македонија, Киро Глигоров.
Глигоров додипломските и магистерските студии ги завршил во Белград, а докторирал во 1977 година на Универзитетот Колумбија во Њујорк.