Случајот “Ласкарци” една година заглавен на суд: „Недостасуваат експерти“

од Берта Китинска
207 прегледи

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, вели дека одговор за тоа зошто повеќе од една година има застој во судскиот процес за автобуската несреќа кај Ласкарци, треба да одговори Бирото за судски вештачења, бидејќи оттаму се очекува вештачењето што судот го побарал.

-Моите информации кажуваат дека застојот е затоа што недостасуваат експерти од таа област. Тоа прашање ќе треба да го поставите во Бирото, каде е застојот. Последно што знам е дека од страна на вештаците е побарано да се изврши увид на автобусот“,рече Џолев.

За десетина дена во владина процедура ќе биде новиот Закон за вештачење, кој подолго време се подготвува, најави денеска министерот за правда Никола Тупанчески, посочувајќи го како добра алатка и излезно решение за сите недостатоци и дефекти кои што во моментот се случуваат, а се поврзани со таа сфера.

Тупанчески, во изјава за медиумите по промоцијата на судница опремена со ИКТ опрема денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, прашан за тоа што може министерството да направи за предметот за случајот „Ласкарци“ кој подолго време го чека супер вештачењето, рече дека не сака да коментира одделни случаи, нагласувајќи дека министерството за правда се обидува, во рамки на своите ингеренции, на создавање на оптимални услови, но дека работата за правораздавање е сепак работа на судовите и останатите субјекти кои се учесници во постапките.

Во тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци која се случи при добри временски услови, а според вештачењата имало технички проблеми со автобусот на „Дурмо-турс“ и заштитата на патот, загинаа 15 патници, а над 30 беа повредени.

Слични содржини