По светската премиера на филмот на Манчевски: „Кајмак“ тема на денот во Токио

од Vladimir Zorba
202 прегледи

По светската премиера на „Кајмак“ и трите распродадени проекции на Токискиот фестивал, режисерот Милчо Манчевски е во центарот на збиднувањата во Токио. Тој одржа мастерклас кој имаше голем одглас кај публиката. Најголемото стручно списание „Варајати“ објави голем текст посветен на предавањето.

„Милчо Манчевски перфектно ја одигра ролјата на ѕвезда на уметничкиот филм на ТИФФ во четвртокот, кога одржа мастерклас што беше елоквентен, хумористичен, пркосен и по малку заканувачки“, пишува „Варајати“ во текстот во кој се цитираат делови од излагањето на Манчевски на мастеркласот. Меѓу нив и советот кој тој го дава на студентите: „Сите кратки филмови што ги снимив беа обид да купам време и да го научам занаетот. Мој совет е снимај, снимај, снимај. Па снимај уште повеќе. Прави филмови наместо да зборуваш за нив“. Зборувајќи за креативните предизвици, авторската слобода и одлуките да снима вон холувудскиот систем и за тоа дека повеќе му лежи европската врска која публиката ја има со уметникот, на прашањето дали треба да се биде верен на жанрот, Манчевски меѓу другото вели: „Сакам нови предизвици. Мислам, особено за уметниците, тоа те држи буден и жив. А како уметник, суштествено е да си играш како дете. Но, потоа да си многу дисциплиниран во изведбата“. Тој кажува и за тоа колку му е важен долгиот процес на кастинг на глумци и долгите проби пред снимањето и заклучува: „Енергијата и изгледот на актерот се донекаде важни, но не толку многу“.

Организаторот на фестивалот го покани Манчевски да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика, укажувајќи му исклучителна чест затоа што тој е единствен претставник од Европа и Америка покрај претседателката на жирито Џули Тејмур.

„Присутните бевме потикнати и инспирирани од начинот на кој размислувате и како му пристапувате на филмот “, рече Шозо Ичијама, програмскиот директор на фестивалот, кој го модерираше мастеркласот.

Во публиката, покрај бројните студенти и професионалци, беше и јапонскиот оскаровец, Рјусуке Хамагучи, режисерот на „Вози ја мојата кола“. Тој дојде да го слушне предавањето и да се запознае со Манчевски. По мастеркласот двајцата наградувани автори зборуваа подолго за нивните индивидуални пристапи кон режисерскиот занает.

Во меѓувреме, излезе и интервју со Манчевски за „Холивуд репортер“ во кој режисерот зборува за тешкотиите да се остане верен на уметноста, за „Кајмак“ како собирање крем на животот, за мајчинство, за антолошкото хип-хоп видео…

Средбите на Манчевски со неколку од највидните азиски режисери беа проследени со внимание, а фановите пишуваат за филмот и постојано бараат автограми и селфиња.

Освен, Хамагучи, кој рече дека средбата со нашиот режисер била стимулативно искуство за него, на мастеркласот дојде и еден од најитересните јапонски режисери Јоичиро Такахаши, долгогодишен пријател и колега на Манчевски. Покрај режирање, тој сега работи и како ментор на млади режисери во други земји низ Азија во име на јапонската национална телевизија НХК.

Македонскиот режисер помина време во дружба и со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија Златниот лав, а првпат после толку години се видоа во Тајпеј 2019 година, кога „Врба“ на Манчевски беше премиерно прикажан на фестивалот „Златен коњ“. Минг-Лианг, кој идниот месец има голема ретроспектива во центарот Жорж Помпиду во Париз, одушевен од наградуваниот експериментален филм на Манчевски, кубанско-американската ко-продукција „Крајот на времето“, понуди да работат филм заедно.

И амбасадорот на Македонија во Јапонија, Горан Цеков, беше присутен на премиерата на Кајмак во Токио и на мастеркласот, и по тој повод рече: „Со маестралниот „Кајмак“, Манчевски, постепено со секој следен кадар и дијалог, ги освои суптилните Јапонци, тие ги почувствуваа животните дилеми на ликовите и предизвиците на обичниот човек, кои се секаде исти на планетава. Уште едно силно дело на Милчо и неговата извонредна екипа, кое значително ја збогатува светската кинематографија“.

Манчевски имаше и формални разговори со публиката по првите две проекции. Потоа беше окружен од Јапонците која бараше селфиња и автограми, но организаторите кои се придржуваат на строгиот ковид-протокол, инсистираа ова да се случува во блискиот парк. Некои од фановите, возбудени од средбата со режисерот, напишаа на Твитер:

„Кајмак беше поуникатен, отколку што очекував. Филмот има многу смешни ситуации, но содржи во себе и чувство на иронија, која го осудува морализирањето“ … „Слатка и горчлива комедија… Кремаст Кајмак… Комплициран вкус на животот“.

“Ви благодариме многу за прекрасниот филм!
Го гледав „Кајмак“.
Филмот изобилува со прекрасна енергија, па се исполнив со
среќа. Навистина ме трогна секој лик…
Сакам да знам сè за Македонија и да се обидам да јадам
Кајмак!!!!! Ви благодариме што дојдовте во Јапонија“.

Исто така, книгите на Манчевски станаа дел и од библиотеките Шочику и Националниот филмски архив на Јапонија.

Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.

Слични содржини