Веќе 28 години овој проект стои во место. Возот до Софија тргна во 1994 година. Пругата наречена „надеж“ е сосема прецизна формулација. Свесен сум дека постои скептицизам и јас сум еден од оние кои пораснаа со проектот железница кон Бугарија. Знам зошто постои тој скептицизам и недоверба дека некогаш ќе се случи тоа. Системот ни е таков и тоа на неколку места. За да го поправиме треба да се фатиме за работа, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан за отпочнување со градба на источен дел од Коридор 8, секција Кумановo-Бељаковце-К.Паланка.
Според премиерот, пругата кон Бугарија не била изградена „бидејќи во текот на овие 30 години или не сме имале знаење, или немало доволна посветеност или имало премногу корупција или сите три работи заедно“.
-Единствената опција е да ги удвоиме напорите и да го сработиме ова со нашите пријатели, соседи и ЕУ. Денешниот почеток станува реалност за модерно железничко поврзување. Оваа инвестиција отвора нови европски рути за железнички превоз, што е исклучително важно за нашата економија, рече меѓу другото Ковачевски во своето обраќање.