Шефот на македонската полиција, Оливер Спасовски не очекува инциденти на утрешното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
-Генерално имаме одлична соработка со сите безбедносни служби и министерства од регионот. Постојат информации и податоци и се прават проценки околу евентуален ризик, рече Спасовски.
Според него, веројатно има причини зошто премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски не одат утре во Благоевград.
-Мислам дека и самите се изјаснија околу тоа. Безбедноста е нешто што се менаџира преку службите за безбедност. Нема нешто што не може да се изменаџира. Очекувам мирно да помине. Тензии има секогаш, но органите се тие кои треба да го спроведат јавниот ред и мир, порача Спасовски во вестите на Тв Сител.