Истите играчи кои не сакаат да бидеме во добри односи ја играат оваа игра со години – менувајќи ги предизвиците. Очигледно е дека резултатите од ова не се во корист на Бугарија, Македонија или ЕУ. Пред сè, амбициите на Вучиќ да го врати влијанието на Србија во Македонија е од корист за Русија, која има за цел да ги дестабилизира ЕУ и регионот, и на крајот нивните алатки, националистичките сили со антиевропско убедување во двете земји, вели за „Локално“, бугарскиот аналитичар од фондацијата „Татковина“ Андреј Врабчев во однос на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
Според него, во овој сојуз практично учествува и партијата ВМРО-БНД, која стои зад Петар Колев, лидерот на самопрогласените претставници на македонските Бугари, како што вели Врабчев, без чија интервенција работите немаше да стигнат до тука.
-Да потсетиме дека еден од нив беше и претседателот на несреќниот клуб Иван Михајлов. Проблемите започнаа токму од нивното инсистирање за вклучување во Уставот при посетата на претседателот Радев, а потоа тој го наметна вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав како услов за Македонија. Состојба што ја нема ниту во рамковната позиција. Исто така, добро е да се знае дека еден од овие „македонски“ Бугари е родум од Бугарија и се школувал во Скопје како бугарски Македонец и дете на членови на ОМО Илинден-Пирин. Последователните огледални потези на ОМО, медиумската дискусија меѓу нивниот претставник и претставникот на „Бугарите“ во Македонија јасно го покажа обидот да се претстават проблемите, барањата и јавниот товар на двете групи како исти. Да не заборавиме дека адвокатот на ОМО Илинден-Пирин е никој друг туку Менкиновски, појаснува Врабчев.
Тој истакнува дека така се отвори Пандорината кутија за овие, како што ги опишува, бескрајни реципрочни барања и потези.
-Тие нема да престанат се додека двете страни, заедно со нивните служби, не почнат да ги отстрануваат од своите односи не само поранешните кадри на комунистичките служби, но и лицата кои работат за лична или партиска корист како и оние кои работат за службите на Србија и Русија, рече Врабчев.
Македонскиот културен клуб вчера на пладне беше отворен во Благоевград. Немаше претставници на власта, а од „позвучните“ имиња од македонска страна присуствуваа Миле Бошнаковски, генералниот секретар на претседателот Стево Пендаровски, лидерот на ВМРО-ДМПНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Пред клубот кој го носи името на Никола Вапцаров се вееја знамињата на здружението на Македонци во Бугарија, ОМО-Илинден-Пирин.
Пред клубот неговиот организатор Атанас Мазнев се пожали дека не можат да го одржат отварањето поради звучниците на партијата ВМРО-БНД од кои одекнуваа патриотски песни. Пред клубот, членови на бугарската партија, на чело со Ангел Џамбаски имаа наредено фотографии со историјата на Македонија и револуционерите кои се бореа за нејзината слобода.
Отворањето на клубот и поворката низ Благоевград беше придружена со огромно полициско присуство. Цела ноќ патрола го чувала клубот од чиј знак пред десетина дена била исчкртана буквата „М“. Вчера изутрина македонскиот клуб осамна со изгребани делови од буквата „Е“, па на таблата пишуваше „Мак-донски културен клуб“.
Н.П.