Отец Бобан: Родителите да се спротивстават на „невините и весели детски забави“ за Ноќта на вештерките

од Берта Китинска
304 прегледи

„Halloween“, скратеница од „All Hallow’s Eve“ или „Hallow Eve“ (Ноќ на Сите Свети), или уште како што го нарекуваат “Ноќта на вештерките“, станува се популарен празник и кај нас.

Ноќта на вештерките, традиционално се прославува ноќта помеѓу 31 октомври и 1 ноември. Првата асоцијација за „Halloween“ се тиквите, маските, костимите, и се она што може да ги исплаши луѓето, кои вообичаено својата креативност ја искажуваат на специјално организираните маскенбали.

Иако станува збор за празник кој најмногу се слави во САД, неговата популарност полека се шири и во другите земји во светот, па и кај нас.

Ноќта на вештерките не е празник кој традиционално се слави во Македонија

-Ако некогаш во западната традиција, старите христијански народи невино се забавуваа правејќи контраст помеѓу лицата на своите деца и тиквите, со цел да ја симболизираат Христовата победа над злото, денес не ретко слушаме за секаков криминал, вандализам и неконтролиран терор кој е извршуван од тинејџерските банди за време празнувањето на Halloween, вели во разговор за „Локално“, Отец Бобан Митевски, Презвитер во Скопска Епархија.

Тој потенцира дека со самото прославување се внесува и „психолошко доживување на стравот и фобиите, да не заборавиме дека се мотивираат ноќните кошмари“, додвајќи дека се поставува основа за неконтролираната агресија, што може да заврши дури и со самоубиство.

-Да се сетиме и на филмот „Ноќта на вештерките“, во кој едно момче, во пресрет на празникот ја убива својата шест годишна сестра и како резултат на тоа станува крвав манијакален убиец. “Ништо не е страшно, сѐ е смешно и весело и смртта не постои; таа е само едно преоблечено чудовиште, затоа продолжи да живееш според принципот: ’Собери од животот колку што е можно повеќе’”. Апелираме и родителите, да се спротивстават на ваквите појави, да ги одбиваат предлозите за „невините и весели детски забави“, па дури и тогаш кога тие се понудени од страна на образовните институции. Всушност, современиот Halloween е еден вид на бизнис проект, од најнизок вид, чија примарна цел е заработката, вели тој.

Ноќта на вештерките се слави и во Македонија

-Секоја година во нашите училишта се одбележува „Ноќта на вештерките“ (Halloween), но сепак овој празник нема никакво верско поврзување туку чисто формално образовно односно низ игра и забава, да се развие вокабуларот на децата, вели сопственичка од едно приватно училиште за странски јазици во Скопје во разговор за „Локално“.

Таа напоменува дека никој од децата не е приморано да се маскира и дека парзникот повеќе се одблежува како забавна игра за учење нови зборови.

Легенда за овој празник

Празникот своите корени ги има уште во дохристијанската епоха, меѓу примитивните келтски пагани во регионите на Англија, Ирска и Северна Франција. Почетокот на „новата“ година, на новиот живот воопшто, тие го одбележувале ноќта спроти 1 ноември, кога настанувал преминот од светлиот во темниот период.

Тогаш го прославувале богот Самахин кој според нив, бил господар на смртта. Се верувало дека во таа ноќ душите на мртвите, коишто пребиваат во светот на темнината, студот и смртта, ги посетуваат домовите на земјата, претставувајќи се пред живите со ненаситен глад. И доколку душите на мртвите не биле смилостивени со приносите, тогаш гневот на богот Самахин ќе се излеел врз живите луѓе. како атрибут на празникот се јавува светилник во вид на глава од тиква, со кој децата облечени во бело, ги плашат возрасните, кои, пак, се искупуваат со своите подароци. За да ја исправи погрешната ваквата погрешна есхатолошка перцепција, христијанството на паганското празнување му го спротивставиле празникот „Ден на сите Светии“.

Во православниот свет тој се слави една недела после Педесетница, а во римокатоличкиот му претходи на Рождественскиот пост и се слави на 1 ноември. Инаку, празникот „Ден на сите Светии“ се поврзува со зборот Halloween, кој, пак, произлегува од зборовите All Hallow’s Eve – Вечер на сите Светии, или All Hallowed Souls Eve – Вечер на сите свети души.

Б.М.

Слични содржини