Ковачев за „Локално“: Името на клубот „Никола Вапцаров“ не е проблем, туку толкувањето бугарскиот поет да се претстави како етнички Македонец

од Nikola Popovski
286 прегледи

Како што секогаш велев, омразата, дискриминацијата и негативното наследство на комунизмот мора да се надминат. Бугарија и Македонија се историски најблиски земји, како и Грција и Кипар и Романија и Молдавија. Не треба да се поддржуваат какви било активности што ги попречуваат добрите односи, вели во разговор за „Локално“, бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев за отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

Според него, „тажно е што Мицкоски заедно со Апасиев решиле да стигнат до победа на изборите во Република Северна Македонија против СДСМ со оваа деструктивна тема“.

-Тие ги иницираа протестите против бугарските клубови во Битола и Охрид и сега продолжуваат со непотребната провокација во Благоевград. Се надевам дека нема да има слични сцени како во Битола и Охрид и повикувам да се запази редот. Не е во интерес на Бугарија и Македонија да продолжи омразата и дискриминацијата, оценува европратеникот.

Ковачев смета дека е „чудно е што Скопје им дозволи на српските власти да организираат „прослава“ во Куманово, каде што беше спроведена окупацијата на Македонија од Србите, што доведе до страшни страдања и терор“.

-Дали српскиот државен секретар си дозволи на територијата на земја членка на НАТО да ги обвини „Бугарите и окупаторите на НАТО“ дека „убиле 4 милиони Срби“? Каква е реакцијата на Мицкоски и Апасиев, а и на Ковачевски на оваа изјава? Или Србите имаат право да се распослат во „Јужна Бановина“, како порано во времето на Караѓорѓевиќ и Тито?, прашува европратеникот.

Тој порачува дека за него не е проблем изборот на името, туку толкувањето еден бугарски комунист-поет и неговото бугарско семејство сакаат да се претстават како „етнички Македонци“.

-Како што не би требало да има проблем во Битола да има клуб кој го носи името на легендарниот лидер на ВМРО Ванчо Михајлов, а во Охрид по неговото височество цар Борис Трети. Жално е што овие личности се толкуваат како во времето на Југославија. Од ова толкување произлегува омразата и дискриминацијата, смета Ковачев.

Бугарскиот интерес, вели тој, е Македонија да го надмине моментумот од Југославија и што побрзо да стане полноправна членка на ЕУ, односно демократска и европска Македонија“.

-Бугарија помогна, помага и ќе и помага на Македонија, дециден е Ковачев.

 

Во Благоевград пред два дена беше отворен македонскиот културен клуб кој го носи името на поетот Никола Вапцаров, а иницијативата е приватна, посочија организаторите. На настанот присуствуваа Миле Бошњаковски – генерален секретар на Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на Левица Димитар Апасиев , делегација на Демократски сојуз, Интегра и уште неколку партии, организации и граѓани од земјава.

Настанот се одвиваше под засилено полициско присуство низ целиот град. Пред свеченото отворање, копретседателот на бугарската ВМРО-БНД, Ангел Џамбазки, пред македонскиот клуб организираше изложба со фотографии од четите на ВМРО и личности поврзани со организацијата.

Програмата за отворање предвидуваше положување венци и цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград и пред споменикот на семејството Делчев. Програмата беше сменета и организаторите на отворањето и гостите застанаа пред споменикот на Димитар Благоев, по што се упатија кон споменикот на Гоце Делчев.

Од 11 часот имаше протест на ВМРО – БНД пред споменикот на Гоце Делчев. Судири меѓу демонстрантите и организаторите на отворањето на клубот немаше и покрај размената на зборови во присуство на полициски службеници.

Н.П.

Слични содржини