Собранието ги донесе измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии, со кои се осудува промовирањето на фашизам и нацизам. И двата закони се донесоа по скратена постапка.
Предложените законски измени на двете партии успедија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пратениците на 17 октомври дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според усвоените измени во Законот за здруженија и фондации, отсега е забрането да се основа организација ако програмата и целите се насочени кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.
Како име или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои шират расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, како и со ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.
Сите здруженија имаат рок од три месеци да го усогласат своето име со новите одредби, а оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.
Бугарското МНР загрижено за забраната за користење на имиња
Бугарското министерство за надворешни работи со реакција по повод законските измени на ограничување на имиња на партии и здруженија. Софија замерува на тоа што во законските измени не била вклучена и забраната на комунизмот, и реагира на тоа дека овие измени го попречуваат ефективното спроведување на Договорот за добрососедство.
МНР се огласи со соопштение по повод законските измени, кои се однесуваа на забрани на користења на имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, трет рајх, потоа за здруженија, фондации и политички партии во земјава, а кои беа изгласани во Собрание.
„Постои сериозна загриженост дека тие (законските измени) имаат за цел дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за што повод е еднострано толкување на историските факти. Легитимната потрага за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да се инструментализира за намерно ограничување на правата на одредени задници. Ограничувањата од ваков карактер во минатото веќе им беа наметнати на Бугарите во Северна Македонија. Со слични аргументи, во 2001 година беше забранета организацијата Радко кој е псевдонимот на Иван Михајлов. Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) веќе донесе одлука по ова прашање“, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Бугарија смета дека тоа што ќе биде потребно позитивно мислење од консултативно тело формирано во Министерството за правда за да може да се употреби некое име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, наметнува загриженост дека во интерпретацијата на историските личности и настани ќе биде доминантно официјалното интерпретирање што го има Северна Македонија.