По пријава на вработени од фабриката Цементарница Усје, во скопската населба Кисела Вода, заловувачи од прифатилиштето на ЈП „Лајка“, во својата заловувачка акција, извадиле и спасиле три бездомни кучиња паднати во базен, во кој се собираат атмосферски води од кругот на фабриката пред нивно пречистување.
– Трите кучиња од голем страв избегале преку каналот кога здогледале луѓе и стигнале до големата шахта, од каде со тешки напори, но со голема упорност двајца наши херои успеале да ги извадат. Би сакале да им се заблагодариме и на вработените од оваа фабрика, кои асистирале и им помогнале на заловувачите во оваа акција. Спасените кучиња, од кои две женки (една од нив скучна) и еден мажјак се наоѓаат веќе згрижени во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ – стои во објавата на ова јавно претпријатие.