Интервју со Лазаров: За подинамична економска размена ќе почекаме на разумот, а до тогаш автопатите и фабриките ќе ги градиме со историските небулози

од Vladimir Zorba
722 прегледи

Притиснати и затечени од низата негативни провокации  поврзани со отворањето бугарски клубови со контроверзни имиња, бизнисмените препознаа надеж во почетокот на источниот дел од Коридорот 8.

Верба во реализацијата во овој стратешки правец изрази и македонско – бугарската комора, според која особено е важна подршката од  меѓународните финансиски институции. Сепак,  оптимизмот и овој пат  е воздржан.

„Морам да нагласам дека после неколку објавувања, сум претпазлив во предвидувањата, бидејќи некако снемуваме сила, енергија или капацитети без разлика од која природа се, кога станува збор за поголеми инфраструктурни решенија и  затоа мора да се лоцира каде е проблемот“, вели за Локално, претседателот на Комората- Кирил Лазаров.

Неспорен останува бенефитот од проектот, кој според првичните анализи треба да обезбеди зголемени обем на економска размена од дури над 30% . Простор за поголема соработка , според  Лазаров има во сите области, но  доколку се има реална желба, прагматизам и почит еден кон друг.

Од друга страна, како што велат во комората,  актуелната ситуација  единствено  покажа дека политиката и историјата  ја обременија економијата до таа мера што таа нема да мрдне од ова место каде сега е. Оттука, според Лазаров, за подинамична економска размена ќе почекаме на разумот, а до тогаш автопатите и фабриките ќе ги градиме со историските небулози.

„Се надевав дека Бугарија како земја членка на ЕУ ќе биде помудра и подостоинствена во однос на нас“, заклучува преседателот на македонско- бугарската комора.

Стартот на источниот дел од Коридорот 8 од Куманово до Крива Паланка предизвика позитивни реакции, но и доза на скептицизам. Дали сепак треба да бидеме оптимистични дека некои работи сепак ќе се мрднат “од мртва точка’’ и три децени од почетокот на изградбата на оваа пруга, конечно ќе се реализира одамна ветеното железничко поврзување?

-Многу е важно што Коридорот 8 се помести од мртва точка и тоа влева оптимизам дека работите конечно ќе се движат во добар правец и во динамика која ќе резултира со запазување на роковите. Коридорот 8 е гломазен проект со стратешка тежина во него и според сите предвидувања тој треба да се заокружи со комплетно железничко и поврзување на Албанија, Македонија и Бугарија. Проектот е сам по себе тежок и скап, но еден ден мора да се заврши. Радува фактот што е поддржан од силни меѓународни финансиски институции преку кредитните линии и правилата кои тие ги бараат. Морам да нагласам дека после неколку објавувања, сум претпазлив во предвидувањата бидејќи некако снемуваме сила, енергија или капацитети без разлика од која природа се, кога станува збор за поголеми инфраструктурни решенија и  затоа мора да се лоцира каде е проблемот.

Многу држави направија сериозни градежни и инфраструктурни проекти, а ние некако како да тапкаме во место. Затоа е скептицизмот присутен во јавноста. Постојат неколку примери  кај  кои проектите или  сеуште не се  започнати или пак  завршетокот тапка во место. Знаете, тоа создава и револт и фрустрација. Па, сериозно големи проекти се започнуваат и завршуваат во соседството, сигурно и таму има предизвици, ама се гради,  додека тука се добива впечаток дека секој пат се има изговори за постапките и процедурите. Како и да е, почетокот на реализацијата на овој стратешки правец влева надеж за поскоро и целосно реализирање.

Покрај поголема комуникација меѓу народите, што секако е од големо значење во однос на актуелните политички релации, железничката пруга треба да обезбеди посилна економска соработка. Кои  стратешките проекти и транспорт на каква стока ќе бидат реализирани на овој начин?

-Добар и брз железнички сообраќај е конкурентен во однос на цените за транспорт. Секако дека е поисплатлив и поевтин. На пример, робата која би пристигнала во пристаништата на Јадранско море во Албанија без разлика дали се тоа цистерни на енергенси, храна или друг вид на товар, преку соодветната железница би требало да стигне побрзо и поконкурентно со цената отколку тоа да оди со камиони. По таа логика економската соработка ќе се димензионира во поголем обем бидејќи нема да постојат само патни правци туку и решение кое би требало да биде поевтино и побрзо, а во овој случај тоа би било железничкото поврзување со Коридорот 8.

Дали можеби веќе имате изготвено анализи и проценки за тоа колку ќе биде зголемен процентот на економска размена меѓу двете држави со обезбеден квалитетен и навремен железнички транспорт?

-Деталните анализи ќе се развиваат тогаш кога железницата ќе биде во функција и ќе има соодветна симулација кога ќе се реши целиот крак во сите три држави. Но, според првичните анализи кои ги предвидуваат аналитичарите и ние стопанствениците, зголемениот обем на економска размена кога Коридорот 8 ќе биде во целосна и комплетна функција ќе биде над 30%, што е одличен процент кој ќе има нагорна линија со текот на времето.

Колку бугарските медиуми и дадоа значење на церемонијата со којашто беше одбележан стартот на градежните работи и каков беше тонот  и начинот на известување?

-Тоа е ирелевантно како тие известувале бидејќи ние имаме бенефит во овој проект како и тие, политичкиот фолклор во Бугарија е малку посилно изразен овој период. Начинот на известување не ми е познат и искрено не ме засега, а имам информација од бизнисмените дека веста била соодветно застапена во јавноста. Си имаат тие своја слободна политика во медиумите. Не би навлегувал повеќе и подетално во ова прашање.

Во меѓувреме, се чини дека економските збиднувања повторно беа засенети од страна на политичките.Отворањето на македонски клуб во Благоевград предизвика низа исклучително негативни реакции кај дел од бугарските политичари. Претходно, кај нас се отворија бугарски клубови со контроверзни имиња кои само уште повеќе ги подгреаа тензиите. Колку ваквите настани можат да и наштетат на економијата генерално?

-Па јас сакам, се надевав и очекував да отвараме гасоводи, електрани, инвестиции, автопати итн.

Културни центри се отвараат таму каде културата има многу позначајно место отколку во политиката. Мене ми е жал што во Бугарија нивото е такво какво што е, но тие си носат одговорност за тоа и перцепцијата што ја создаваат тука за нив. Народот и политиката треба да се издвојат бидејќи не се застапени нивните интереси во овие т.н клубови и сл. Нема здрав и паметен човек без разлика дали овде или таму, кој не би осудил ситни провокации. Изморен сум да ја повторувам истата теза, политиката и историјата навистина ја обременија економијата до таа мера што таа нема да мрдне од ова место каде сега е. Заподинамична економска размена ќе почекаме на разумот. До тогаш автопатите и фабриките ќе ги градиме со историските небулози. Се надевав дека Бугарија како земја членка на ЕУ ќе биде помудра и подостоинствена во однос на нас .

Останува патничкото поврзување, особено делницата од Крива Паланка. Дали можеби има веќе разговори и за негова реконструкција?

-Она за кое имам информација е дека таму постои проект кој се реализира во некоја предвидена динамика од соодветниот ресор. Не ги знам роковите. Но ќе напоменам уште еднаш како и во првото прашање. Мора да најдеме начин да градиме многу побрзо и поефикасно. Заостануваме зад сите во ова поле и тоа е факт.

Во кои области Македонија и Бугарија имааат простор за уште поголема соработка?

-Во сите области доколку се има реална желба, прагматизам и почит еден кон друг. Колку повеќе соработка толку поголема взаемна доверба, колку повеќе политика и историја толку поголеми поделби. Областите во економијата/енергијата, спортот и културата предничат бидејќи тврдам дека имаме заеднички позиции кои би ни трасирале силно стратегиско партнерство.

Слични содржини