За 29-ти ноември се одложува судењето против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се теререти за нелегалната набавка на софтвер, поради болест на еден од обвинетите.
Судот информира дека пред почетокот на денешното рочиште, бранителот на обвинетиот Даниел Станчев, доставил лекарска потврда од 7 ноември, упат за Клиника за инфективни болести, со забелешка дека кај пациентот е дадена инфузиона и таблетарна терапија и за што е отворено боледување.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.
Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.
Освен Рашковски, во случајот за нелегална набавка на софтвер и за перење пари се обвинети уште и Маја Силјановска, Ивица Димитровски, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Христов и Игор Ивановски.
Рашковски лани помина во притвор неполни два месеци, но понуди гаранција од околу половина милион евра и беше пуштен во домашен притвор.