„Нема медиумска писменост без општа писменост“: Македонците тонат на листата на извештајот на ОН

од Nikola Popovski
385 прегледи

Според меѓународни анкети и истражувања ние во континуитет сме меѓу најнеписмените не само во европски рамки. Исто така во врска со општото образование, нам во континуитет ни пропаѓаат образовните реформи, остануваат само чепнати и толку и тоа како во основното така и во средното образование, вели за „Локално“ новинарот Зоран Иванов откако Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) покажа дека Северна Македонија каска зад земјите во регионот во однос на медиумската писменост и ПИСА тестовите.

Иванов посочува неодамнешен пример во врска со темата.

-Таман тргнавме во дигитализација на прпцесот на учење, се крена некоја „баба“ таму, веројатно поттикната и потпмогната од одделни бизнис печатарски или какви ли други центри, крена галама демек ќе страдале учениците без книги, а тие, наши кутри деца, глава не креваат од своите мобилни телефони и од мониторите на домашните компјутери, ниту учебник отвораат ниту бакрачи и се вративме во „гутенберговиот“ среден век, посочува новинарот.

Според него, прашањето е и до високото образование.

-Куп магистри и доктори, а како стоиме со рејтингот таму, уште за триесет години ниту еден од нашите бројни универзитети не ќе се најде на Шангајската листа. Патем, погледнато од нивните јавни настапи кој се таму не стана универзитетски професор, вели Иванов.

Тој потенцира дека нема медиумска писменост без општа писменост.

-Едноставно нема. Но ајде малку оптимистички. Консументите на медиумските информации, ние граѓаните, исто е и со содржините на социјалните мрежи, ќе треба да одбереме кому ќе веруваме. На кој медиуми, на кои новинари и на кои личности ќе можеме да се потпреме за да бидеме сигурни дали сме добро, правилно и објективно информирани. Секако, тука и државата и нејзините образовни институции, пред се, имаат едукативни задачи. Невладиниот сектор, исто така. Медиумите, посебно и во овој период и најмногу би требало да проработи нивната професионалност. Се на се`, потребен е континуиран и заокружен систем на медиумско образование и негово нужно имплементирање во севкупниот образовен процес, оценува новинарот.

На иста бранова должина е и новинарот Зоран Бојаровски. Тој во разговор за „Локално“, оценува дека последните резултати за рангирањето на Северна Македонија на најдолните позиции на индексите за медиумска писменост загрижуваат и предупредуваат.

-Она што е многу важно е што овие рангирања медиумската писменост ја поврзуваат со ранливоста на општеството и на неа, како и на дигиталната писменост гледаат како како на алатка за отпор кон влијанијата што делуваат погубно за едно општество како што деизнформациите, говорот на омраза и слично. Ова е многу важно ако се има предвид дека посебен таргет на овие штетни делувања се младите. Јас бев еден од оние кои застапуваа медиумската писменост да биде составен дел од наставните програми од основното, средното и високото образование како самостоен и постојан наставен предмет, наспроти оние кои застапуваа дека е доволно медиумската писменост треба да биде екстракурикулум, односно изборен предмет. Многу бргу се покажа дека аргументите за воведување на медиумската и дигиталната писменост како посебен и редовен предмет во сите степени на образованиот процес беа оправдани, вели Бојаровски.

Новинарот инсистира на тоа дека медиумската не треба да се издвојува од дигиталната писменост и треба на нив да се гледа како на еден образовен предмет за кој е неопходно максимално бргу, итно, да се подготви и да се аплицира во севкупниот образовен процес.

-Сега живееме во време кои е доминантно медиумизирано, односно предоминантно е примањето на информации преку медиумите, односно преку дигиталните и мобилните медиумски платформи. Дигиталната технологија на медиумските платформи менува и унапредува со молскавична брзина и тоа што вчера сте го знаеле за медиумите, за догиталната технологија и за дигиталните медиусмки платформи и апликации, денеска веќе не важи, оценува тој.

Бојаровски посочува дека максимална поддршка треба да добијат медиумските граѓански организации и оние што ја вклучуваат и дигиталната писменост за да го „бајпасираме“ гапот до едно долгорочно и стратешко решение.

-Еден таков проект е тековниот петгодишен проект за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“ што го спроведуваат Меѓународниот одбор за истражување и размена (ИРЕКС) во соработка со локалните партнери Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ). Една од компнонентите на овој проект е да ги едуцира наставниците во основното и средното образование да бидат подготвени да предаваат медиумска и дигитална писменост, вели новинарот и додава:

-Како резултат на овој проект е и пилот програмата за медиумска писменос во високото образование во која се вклучија Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово и Економскиот факултет на Универзитетот ФОН, со тенденција оваа листа да се проширува секоја година. Да не заборавиме дека својата обврска треба да си исполнуваат и Агеннцијата за аудио и аудиовизуелну услуги (ААВМУ) и Националниот радиодифузен сервис (МРТ), за коишто вклучувањето на медиумската писменост во нивните активности и програмски содржини е законска обврска, кажа Бојаровски.

Северна Македонија ги има меѓу најлошите резултати во регионот во тестовите ПИСА на ОЕЦД во 2018 година, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа. Земјата има многу слаб одбранбен систем против демократски закани и опасности со популација која е општо земено, недоволно информирана да ги препознае самите извори на тие закани и опасности.

Претседателот Стево Пендаровски на вчерашната презентација на Извештајот напомена дека овој извештај потврдува уште една загрижувачка тенденција.

-Имаме слаби резултати и во рамки на тестирањето за ПИСА спроведено од ОЕЦД. Ниско сме рангирани и во однос на медиумската присменост. На пример, Финска, која е најдобро рангирана европска земја, има пет пати повеќе бодови за медиумска писменост од нас. Јасно е дека без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард, истакна Пендаровски.

Н.П.

Слични содржини