Унгарскиот парламент ќе расправа за ратификацијата на приемот на Шведска и Финска во НАТО за време на есенската сесија, откако усвои низа закони поврзани со ЕУ, изјави шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан.
– Финска и Шведска се наши сојузници и можат да сметаат на нас – изјави Гергеј Гуљас, пренесе Ројтерс.
Унгарија и Турција се единствените членки на алијансата кои сè уште не го одобрија приемот на двете нови членки.
– Нашата цел е Собранието да ја ратификува нивната апликација пред крајот на оваа година. Секогаш сме кажувале дека ја поддржуваме ратификацијата – рече Гуљас.
Владата на Орбан ги поднесе соодветните нацрт-закони во средината на јули, но Парламентот допрва треба да ги одобри законите, иако неговата владејачка партија Фидес има двотретинско мнозинство.