Со Буџетот за 2023 ќе има ново зголемување на минималната плата и пензиите, велат од СДСМ

од Nikola Popovski
203 прегледи

Со Буџетот за 2023 година се обезбедува ново зголемување на минималната плата и нов раст на пензиите, за што се предвидени значително повеќе средства споредено со оваа година, велат утрово од СДСМ.

Според партијата, дополнителни 250 милиони евра се предвидени за продолжување на помошта и поддршката за граѓаните во справувањето со последиците од глобалната економска криза.

-Со Буџетот за 2023 сериозен фокус се става и на капиталните инвестиции. Капиталните расходи се на ниво од 48,9 милијарди денари или близу 800 милиони евра, наменети за капитални проекти, што е за околу 52,3% повеќе во однос на проекцијата за 2022 година. Буџетот за 2023 е развоен и е одговор на последиците од кризата. Сите пратеници да го поддржат овој најважен документ за македонската економија, истакнуваат од СДСМ.

Пратеничката на СДСМ, Санела Шкријељ вчера истакна дека со новиот Буџет минималната плата ќе порасне за 10 % и ќе достигне речиси 20.000 денари во март 2023 година.

-Во март оваа година минималната плата изнесуваше 15.200 денари, што значи дека само за една календарска година таа ќе се зголеми за над 30 отсто. Предвидени се и 12,5 милијарди денари за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани, додаде меѓу другото Шкријељ.