Пратениците на СДСМ и ДУИ во текот на вчерашниот ден ги одбиле предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ за помош на граѓаните, соопшти денеска Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со нашите предлог мерки се предвидуваше финансиска поддршка од 3000 денари месечно до крајот на април за сите самохрани родители, сите средношколци, сите пензионери, сите невработени лица кои се активни баратели на работа, сите деца без родители и родителска грижа и сите корисници на гарантирана минимална помош.
Пакетот што го достави Владата до Собранието не е над 300 милиони евра, туку помалку од 20 милиони евра, а голем број на граѓани се заборавени.
Во услови на галопирачка инфлација од 20%, кога храната е поскапена за над 30%, буџет од 5,3 милијарди евра за идната година, сметаме дека е навреда пратениците од власта да не соберат храброст барем на лицата со телесни оштетувања да им се зголеми поддршката од 750 на 1500 денари“, вели Стојаноски.