Стојаноски до Бочварски: Владата ѝ дала помош на ЕЛЕМ 240 милиони евра и ги прикажува како капитални инвестиции

од Stefanija Kuzmanovska

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „Отворено” на телевизија 24 реагира на најавите за реализација на капиталните инвестиции, укажувајќи дека според сајтот на министерството за финансии, на Отворени финансии, стои дека Владата исплатила 240 милиони евра спрема ЕЛЕМ прокнижувајќи ги како капитални инвестиции, и на тој начин лажно го зголемува процентот на реализација на капитални инвестиции.

„Ова тука е една табела во која што може да се видат сите исплати од владата спрема ЕЛЕМ. 240 милиони евра кои што се исплатени од Владата спрема ЕЛЕМ се прокнижуваат како капитални инвестиции. Ако овие 240 милиони евра ги одземе од онаа вкупна бројка на 460 милиони, тогаш бројката на реализација на капитални инвестиции ќе биде многу помала“, вели Стојаноски и додаде дека и министерството за транспорт и врски со кое раководи Бочварски помошта за струја кон Македонски железници, пошта и други институции ги прокнижува како капитални инвестиции.

„Втора работа, во таа бројка вие ја пресметувате и докапитализацијата на Развојната банка преку која што давате кредити на мали и средни претпријатија. Во оваа бројка 460 милиони евра господине Бочварски се вашите исплати на струја кон Македонски железници, кон Пошта и кон други институции. Ете така вие го кревате процентот на капитални инвестиции. Инаку како ќе и објасните на граѓаните дека вашата институција која што вие ја предводите во ноември имала 33 проценти на реализирани капитални инвестиции, за до крајот на годината во само еден месец да стигне до 75 проценти за реализирање на капитални инвестиции“, го праша Стојаноски Бочварски.

Во однос на најавите за 800 милиони евра нови капитални инвестиции на владата, Стојаноски смета дека тоа е апсолутно нереално, бидејќи од планираниот буџет од 5,3 милијарди евра се планира да се соберат 3,4 милијарди по основ на даноци со реформа која што не е донесена.

„Од аспект на оние најавени 800 милиони евра, тоа е апсолутно нереално, веројатно Бочварски ќе каже како планира да дојде до таа сума, но во момент кога ние планираме од 5,3 милијарди евра буџет да собереме 3,4 милијарди од даноци со реформа која што не е донесена, сметаме дека таквите приходи се нереални и таквата бројка не може да се оствари“, изјави Стојаноски.

Стојаноски му порача на Бочварски дека не може да биде капитална инвестиција тоа што владата и дава финансиска помош на АД ЕЛЕМ за оперативно работење.

„Ама не може да биде капитална инвестиција ако ние им даваме на ЕЛЕМ пари за оперативно работење“, кажа тој.

Слични содржини