Денеска во 16 часот движењето „Студентски отпор“ ќе протестира пред Собранието на Македонија под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“.
Од таму велат дека и покрај најавите за повлекување на предлог-измените на законот за субвенциониран студентски оброк, студентскиот протест не се откажува.
-Студентскиот протест е индикативен дека нешто е гнило во општеството, а избликот на истиот е најискрен. Кризите во кои се наоѓа Македонија, молкот од страна на студентите и пасивноста на студентските организации – се мотивација на властите да удираат по грбот на студентите сѐ посилно. ДОСТА Е! Барањата на студентите произлегуваат од деценискиот игнорантски однос на институциите и намерата за ништење на студентот во Македонија. Ние, студентите, бараме надлежните да не нѐ игнорираат и со нивните политики да не си поигруваат со нашата судбина.
„Студенстки отпор” бара повлекување на предложените измени на Законот за студентски стандард, изедначување на стипендиите со повискиот износ, изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја и подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.
Во 16 и 30 часот претставници на движењето треба да се сретнат со министерот за образование Јетон Шаќири и со пратениците предлагачи на измените на Законот за студентски стандард.
Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, која е еден од предлагачите на законските измени, се огласи вчера посочувајќи дека не е точно дека некој сака да го укине студентскиот оброк, туку дека се бара трајно и системско решение за тој да функционира како што беше првично замислен, а по моделот кој се применува во Република Словенија.