Студентите се борат за подобрување на условите, се очекува конструктивен дијалог наместо протести

од Vladimir Zorba
126 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски оценува дека вчерашните разговори со претставниците на студентските здруженија вродиле со плод. Предлог-измените за студентскиот оброк се повлечени од собраниска процедура, а пратениците од владејачкото мнозинство ќе чекаат студентите и Министерството за образование да изготват заедничко решение, за кое понатаму би дале поддршка.

Според премиерот, преку одговорен и конструктивен пристап се стигнало до договор со студентите по однос на нивните барања за студентскиот оброк и тој ќе продолжи да се користи по старите критериуми.

-Да не заборавиме дека студентскиот оброк за првпат беше воведен од страна на оваа Влада пред само две години. Триесет години во оваа држава студентите немаше кој да ги седне на маса. Триесет години за студентите сите сметавме дека се само деца коишто треба да одат во школо, меѓутоа и да не учествуваат во политички процеси. На моја иницијатива вчера јас отидов во Собранието и седнав со сите лидери на студентските движења. Таму имаше околу 20 млади студенти и студентки коишто ги водат овие организации. Со нив разговарав за сите детали за справувањето со енергетската криза, за основните елементи на буџетот, за претпоставките коишто ги имаат тие во однос на тоа како треба да изгледа новото законско решение за коешто се договорија со Министерството за образование и со пратениците од владејачкото мнозинство, за едно системско решение и тогаш кажав на состанокот и вчера во изјава за телевизија, а и денеска повторувам дека студентите се наши деца и тие студенти имаат право да го кажат својот глас, кажа Ковачевски на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека се работи на изготвување на решение кое ќе биде системско и за кое Министерството за образование има рок да го направи до март, а во подготовката ќе учествуваат и студентите.

-Тие одлуки на крајот на денот ја креираат нивната иднина. Истиот тој дијалог со студентите вчера вроди со плод, односно дека старите критериуми што ние ги воведовме за студентски оброк, ќе важат до воведување на ново решение, а преку отворен дијалог ќе најдеме и системско решение уште на почетокот на наредната година, односно во текот на првиот квартал, бидејќи студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови конструктивно, а ние треба да сме тука да ги чуеме, да разговараме и да преземеме мерки за подобрување на нивниот стандард, бидејќи тие се иднината на оваа држава, рече Ковачевски.

Сепак, од т.н. Студентски отпор велат дека не се задоволни од постигнатото решение, па и покрај пружената рака за дијалог на иста маса, повторно повикуваат на протест. Но, не сите студентски здруженија се согласуваат со ваквиот пристап. Славчо Темелковски, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, во изјава за МИА вели дека се согласуваат со барањата на Студентски отпор, но различно делуваат.

-Како универзитетски собранија, прво гледаме да ги исцрпиме сите можности по институционален пат и, доколку не наидеме на соработка на тој начин, тогаш би активирале други механизми за остварување на нашите права, изјави Темелковски за „Локално“.

Темелковски, кој заедно со други претставници на студентите, беше вчера на средбата во Собрание со пратеници и со министерот за образование и наука, вели дека универзитетските студентски собранија ги застапуваат барањата и интересите на студентите и постојано комуницираат меѓу себе.

Што се однесува до ставот на политичките партии, претседателот на социјалдемократската младина Марко Михаилоски, вели дека актуелната власт не етикетира, туку го слуша гласот на студентите. Тој практично потсети на обидите за задушување на студентските протести од претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тепањето на студенти, како и заоружувањата на лица на студенти, кои медиумите под контрола на минатата власт, ги поврзуваа со тогашната опозиција.

-Сега не е време во кое некој друг требаше да носи одлуки во име на студенти и да етикетира. Искуството од минатото и сега покажуваат дека сега имаме демократско општество и се слушаат студентските барања. Субвенционираниот студентски оброк е донесен по предлог на СДММ. Владата и парламентарното мнозинство го слушаат гласот на младите, на студентите и прави се за подобрување на нивниот стандард. Ако не се измените на законот, тогаш ќе се вратевме на претходната состојба, односно немаше да има субвенциониран студентски оброк, изјави претседателот на помладокот на СДСМ, Марко Михаилоски за ТВ24.

Тој додаде дека Владата и пратениците го слушаат гласот на младите и на студентите со цел подобрување на нивните услови.

-Студентите вчера си го кажаа своето мислење и дадоа одговор на тој пазар на ВМРО-ДПМНЕ и дека не е ова панаѓур. моментот е следен и студентите и пратениците и се договорија дека ова е решение е до март, а пред тоа тоа треба да се најде заедно со сите чинители едно системско решение за овој закон, рече Михаилоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак вчера по разговорите меѓу студентите и претставниците од власта и пратениците, кажаа дека студентите не добиле ништо, иако барањата за студентскиот оброк им беа исполнети.

-Иако не ни беше дозволено да земеме збор, сепак земавме учество и го образложивме нашиот предлог кој е преточен во закон и во моментов е единствениот во процедура, а тоа е: Да се задржат условите за остварување на правото на студентски оброк по законското решение од 2020-та година. Средствата за студентски оброк да се покачат од 120 на 160 денари поради инфлацијата. Средбата беше прекината и на помош беше повикан премиерот Ковачевски, кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

На иста линија на ВМРО-ДПМНЕ негодуваа и од Левица. Тие отидоа и подалеку во барањата на студентите, па кажаа дека нивниот револт не бил само поради студентскиот оброк. Сепак, во ставовите и однесувањето на Левица за студентите се забележуваат двојни аршини. Кога се гласаше Законот за студентскиот оброк, во 2020-тата година на предлог на СДСМ, Левица не беше парламентарно застапена и не се изјасни за предлозите, но кога лани овој закон претрпе нови измени, односно износот за оброкот да не се дава на картичка, туку во готовина, според собраниските списи, во салата не присуствувале ниту Димитар Апасиев, ниту Борислав Крмов.

Слични содржини