Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека не се согласува со ликот на Ванчо Михајлов како ја водел партијата или организацијата во тоа време, но тоа е континуитет. Според него, правењето паралела со Михајлов било намера на СДСМ со цел да се вулгаризира тоа што тој го зборувал. -Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби некој по неколку децени нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја водел ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но, ова е континуитет на една организација која што во современото време станува политичка партија, рече Мицкоски вчера во интервју.
Дел од македонските историчари сметаат дека не може името на соработникот на фашистите да се поистоветува со ВМРО-ДПМНЕ и македонската историја. Историчарот Новица Велјановски во разговр за „Локално“ вели дека тој е оценет како негативна личност и имал обид со Хитлер кон крајот на војната во Македонија да направи држава, но не успеал.
-Мое мислење е дека секое поврзување на Михајлов со иднината и судбината на Македонија е погрешно, коментира Велјановски.
Според него, тој бил претседател на организацијата ВМРО, но како дошол до тоа е спорно прашање.
-Се смета дека тој стои зад убиството на Тодор Александров и други дејци на ВМРО. Може да ги поврзува само тоа што бил претседател на ВМРО, но некакви активности насочени за иднината на Македонија и опстанокот, не може да се поврзува, потенцира Велјановски.
Историчарот е дециден дека партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да се огради од делувањето на Ванчо Михајлов и не треба да се прифаќа како наследство, исто како што СДСМ треба да се огради од комунистичкото минато.
-Треба да се дистанцираат и двете партии. И во самата Бугарија, Михајлов не е прифатена личност во пошироката јавност. Македонскиот научен институт се колнел во Ванчо Михајлов, но тоа не е тоа, истакнува Велјановски.
Историчарот и поранешен министер Владо Поповски објаснува за „Локално“ дека Ванчо Михајлов е еден од најголемите сатрапи во историјата на Македонија и Бугарија и „тој нема врска со ВМРО обединета која е формирана 1925 година и функционираше до 1940 година“.
-Тој стана најмен убиец на сите овие македонски револуционери кои беа левоориентирани или кои што беа за самостојност на Македонија. Михајлов е во континуитет на десното крило на ВМРО или тоа ВМРО што беше под рака со бугарските влади, објаснува Поповски.
На обвинувањата од јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ е идеолошки поклоник на луѓе кои што биле извршители на Третиот Рајх, Поповски вели дека се „клевети кои се случуваат во политичкиот жаргон бидејќи партиите се борат за власт, како што болните луѓе се борат за здравје“.
-Нашата политика страда од партизација преголема која што се одрази во пребројна администрација, недоволна компетентна и да не зборуваме за корупција која е една од мотивите за борбата за политичка власт“.
Поповски смета дека ВМРО-ДПМНЕ апсолутно треба да се огради од Ванчо Михајлов, бидејќи „немаат врска едни со други“.
-Самата ЦИА оцени дека Ванчо Михајлов е гангстер и тој беше во суштина беше тоа и продажен инструмент на политика која не беше поврзана со Македонија. Тој сепак припаѓа на фашистичкото движење близок со Анте Павелиќ. Апсолутно на таа линија со фашистичка Германија. Тој е близок до фашизмот, а ВМРО-ДПМНЕ не можете да го помислите во таа смисла, потенцира историчарот.
Мицкоски возврати дека СДСМ треба да се откаже и од својот „комунистички континуитет“ и злосторствата што ги направиле комунистите, на што Поповски вели дека е контранапад од истата природа, како што владеачката партија го поврзала ВМРО-ДПМНЕ со Ванчо Михајлов“.
-Тоа е едно ниво и една релација некореткна и од едната и од другата страна, оценува поранешниот министер.
Н.П.