Давитковски: Аферата „Паразити“ е популистичка, „пумпањетo“ на платите започна уште во времето на ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba
442 прегледи

Популистичка, со единствена цел прибирање на политички поени. Вака професорот Борче Давитковски ја оцени аферата „Паразити“, во рамки на која опозициската ВМРО-ДПМНЕ  секојдневно ги објавува износите на платите на актуелни директори.

Потсетува дека ситуацијата со висината на платите била идентична и во време на владеењето на оваа партија, и тоа особено кога станува збор за регулаторните тела.

„Кога бев претседател на Бордот на Телеком имав месечен паушал во износ од 250 евра. Веднаш по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ  новиот претседател на Управниот одбор почна да зема околу 6.000 евра“, вели Давитковски во изјава за „Локално“.

Според него, токму во тој период се случило „пумпање“ на платите, а како пример го посочува случајот со еден од тогашните дирекори на едно од регулаторните тела во земјава, кој издвоил огромна сума пари за изградба на панорамско тркало, но и за раскошни новогодишни прослави.

„Се е популистички. За жал, таква е македонската реалност. Само се менуваат партиски војници“, коментира Давитковски.

Во однос на најавата на премиерот Ковачевски за конечно воспоставување ред и конзистентност во примањата, особено на раководните лица, Давитковски оценува дека станува збор за „невозможна мисија“. Проблем , според него се јавните претпријатија и регулаторните тела.

„Во услови на партизирана држава каде што единственото правило на игра  е партиската книшка, за директори на јавни претпријатија се ставаат лица без доволен капацитет. Со дел од новите директори не се ни склучува менаџерски договор. Тие создаваат загуби, а примаат големи плати“, вели Давитковски потенцирајќи дека менаџерскиот договор би го обврзал раководното лице да  поднесува редовен годишен извештај за состојбата во претпријатието, во спротивно ќе биде сменет.

Слична е ситуацијата и со регулаторните тела вели тој, бидејќи приходот што го остваруваат, наместо да го инвестираат за развој на нивната дејности, се дели за плати.

„Така на пример, средствата со коишто располага АЕК, не се буџетски, нивната основа на стекнување се концесиите што ги плаќаат концесионерите. Ова регулаторно тело парите ги дава на плати, а не за надградување и модернизирање на нивната дејност“, забележува Давитковски.

Истото, според него, се однесува и на М-НАВ чии средства се резулат на надокнада за прелет на секој авион што ќе помине низ територијата на нашата држава, па наместо со тие пари да се вршат едукации, да се купуваат радари итн., се даваат за плати.

Давитковски апелира да се стави крај на ваквата пракса, а државата да воспостави контрола на начинот на трошење на парите, да се востанови одреден лимит, односно да се наложи вишокот средства да се инвестираат за развој на областа во која е основано регулаторното тело.  Ваквите чекори, според професорот, единствено може да ги спроведе државата.

„Нејзината воља треба допрва да биде проверена“, вели тој, „а на сите нам ни преостанува немо да ги набљудуваме смените на директори чиј единствен расадник е партиската база“.

К.В.С.

Слични содржини