Мостовите, клучките и Универзална сала ги презема Владата од Арсовска

од Vladimir Zorba
188 прегледи

Најкрупните инфраструктурни зафати кои ги започна Град Скопје се очекува да ги продолжи Владата. Откако градоначалничката Данела Арсовска не покажа никаква иницијатива за решавање на најголемите сообраќајни предизвици во главниот град, на сцена ќе настапи централната власт. Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, неодамна по состанокот со Арсовска, изјави дека е договорена соработка со Град Скопје за најзначајните проекти за скопјани, откако веќе стана јасно дека Министерството за култура ќе ја продолжи реконструкцијата на Универзелната сала, која повеќе од една година е разурната.

„Со Арсовска разговаравме и за други проекти кои се реализираат и кои се од интерес за скопјани како што се подземниот премин кај „Рамстор“ кој излегува кај „Нова Македонија“, мостот во Карпош на улица Љубљанска кон Момин Поток, како и мостот во Аеродром кој стои заради имотно-правни односи, а кои заради значење за скопјани Владата е заинтересирана побрзо да профункционираат. За овие проекти се договоривме да соработуваме со Арсовска, изјави Пенов.

Новиот министер за локална самоуправа Рито Пенов во емисијата „Студио 10“ рече дека Владата ќе му помогне на Град Скопје да се доградат тунелите со кои се спојува булеварот „Македонија“ (Јужен булевар) со бул. „Кочо Рацин“ и поминуваат под објектот на Лимак во строгиот центар на градот.

Според Пенов, најголем проблем ќе претставува западната страна каде што ќе има застој кај „Нова Македонија“.

– Ќе бараме пари, ќе се решава фаза по фаза, среќна околност е што поголемиот дел кон Кисела Воида е заврпшен, но технички најтешко е како ќе го преминеме булеварот „Св.Климент Охридски“. Тука не е само техничкиот проблем, не се само парите, туку треба да се реши сообраќајот, „Водњанска“ ќе треба да биде неколку месеци затворена, рече Пенов.

Турскиот инвеститор „Лимак“ уште претходно соопшти дека подземната улица се гради. Веќе четврта година некогашниот Јужен булевар е затворен за сообраќај и на него се гради новиот комплекс кој ќе го сочинуваат трговски центар, станбени и деловни објекти, а инвеститорот треба под овие објекти да изгради подземна сообраќајница.

Град Скопје треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. Подготвеност да се заврши проектот најави претходниот градоначалник Петре Шилегов, кој се соочи со административни проблеми кога го наследи проектот од неговиот претходник Коце Трајановски.

„Сите три кружни текови за излез и влез во подземната сообраќајница се проектирани и догодина ќе ги распишеме тендерите за изведувачи. Очекувам паралелно со завршување на градежните работи за подземната улица во 2023 да бидат и тие готови. Според првичните проценки, ќе чинат околу 22 милиони евра“, изјави Шилегов минатата година, но планираното од негова страна не го продолжи актуелната градоначалничка Данела Арсовска.

Договорот за Јужен булевар со инвеститорот „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. Вкупната инвестиција за овој проект е 250 милиони евра. Сепак, Арсовска не покрена иницијатива да ги заврши обврските од овој градежен зафат кои се на товар на Градот.

Покрај финализирањето на подземниот сообраќај во центарот на градот, министерот Пенов најави дека Владата има намера во свои раце да ја преземе изградбата и на мостот во Карпош 4, кој го започна претходната градска администрација.

Градот Скопје во август минатата година започна со изведба на нов мост, од улицата „Љубљанска“ во Карпош 4 кон клучката на Бардовци, улицата „Скупи“. Мостот е предвидено да има четири коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вкупната должина на мостот ќе биде 113 метри, а вредност на овој значаен инфраструктурен објект изнесува 382,5 милиони денари, пари обезбедени преку ТАВ-програмата. Првичните очекувања беа тој да биде готов за 18 месеци.

„Прв висечки мост, архитектонско чудо, кое има претензија да стане ново обележје на главниот град. Ќе завршиме за околу 18 месеци, некаде средина на 2023-та веќе ќе може овој бенефит за главниот град да го користиме“, изјави тогашниот градоначалник Петре Шилегов, но и тука се појави дисконтинуитет во проектот и Арсовска реши практично да ги замрзне градежните работи, повикувајќи се на „технички решенија“.

Според Арсовска, Градот воопшто не бил консултиран за затворање на кејот и спортско рекреативната патека за време на изградбата, а тоа било сторено од страна на изведувачите.

-Техничките решенија мора првенствено да обезбедат безбедно и сигурно движење на кејот и Градот Скопје не смета дека е неопходно целосно затворање на тој потег на кејот. Сметаме дека, водејќи се од приоритетот за безбедноста на граѓаните, треба да се разгледаат повеќе технички издржани решенија од инвеститорот и изведувачот, со кои би се излегло во пресрет на барањата на граѓаните, соопштија од кабинетот на Арсовска.

Засега е нејасно на каков начин може да излезе Владата во пресрет, но повеќе од јасна е намерата на министерот Пенов и ова сообраќајно решение да се реализира. Покрај, клучката кај „Лимак“, мостот кај „Љубљанска“, Пенов истакна дека ќе се вклучи и во довршување на мостот и булеварот АСНОМ, кој ги поврзува Аеродром и Ќерамидница.

Новиот мост, чија изградба е финиширана, има шест коловозни ленти, со енергетски ефикасно ЛЕД-улично осветление, како и тротоари и нови патеки за велосипедистите и корисниците на алтернативни средства на сообраќање. На новопробиениот булевар и на мостот се воведуваат и нови линии на ЈСП, а дополнително булеварот ќе има дрворед, кој ќе биде засаден од двете страни.

Мостот уште одамна требаше да биде пуштен во употреба и тој овозможува брза врска на најнаселената општина во Скопје – Аеродром, со Гази Баба преку централното градско подрачје. Со новиот мост се зголемуваат функционалноста и динамиката на движење, се олеснува сообраќајниот метеж, а Скопје и скопјани на располагање добиваат безбедна врска за движење низ трите општини.

Сепак, мостот на АСНОМ не се најде во приоритетите на Арсовска. Таа кажа дека пречка претставувале имотно-правни односи и не изнајде никакво решение да ги надмине, иако тоа го вети.

– Мостот ќе се доврши, но во оваа фаза треба да се потрудиме да се решат овие имотноправни спорови кои во овој момент ги има на лице место, за тој да биде поврзан. Не е проблем изградбата, тој ќе биде изграден. Поврзувањето од двете страни е нешто кое што има повеќе имотноправни спорови. Треба да се знае дека некој го почнал без да има јасна цел и визија и да знае за колку време ќе биде реализирано, потенцираше Арсовска кога седна во градоначалничката фотелја.

Мостот од Аеродром кон Гази Баба и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Керамидница почна во март 2020 година. Вкупната вредност на проектот е 16 милиони евра. Мостот ќе го носи името на генерал Михајло Апостолски.

Покрај овие три крупни проекти, за кои Владата искажа волја да ги финишира поради застојот на Арсовска, веќе е јасно дека Министерството за култура ја презема во своја одговорност реконструкцијата на Универзалната сала.

Според информациите, доколку градоначалничката Арсовска одбие да ги предаде ингеренции, тогаш Владата планира овој објект да го прогласи за објект од национален интерес, па така автоматски реконструкцијата да падне во рацете на Министерството.

Од прес-службата на Град Скопје потврдија дека градоначалничката Данела Арсовска, заедно со министрите Ристо Пенов и Бисера Костадиновска Стојчевска донеле заеднички заклучок во однос на Универзална сала, дека треба да продолжи нејзината реконструкција како проект од поширок државен интерес.

-Донесовме заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната Сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија. Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати Министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Па така, сега се очекува Министерството за култура и официјално да ја започне постапката за преземање на Универзалната сала во Скопје. Ова следува откако реконструкцијата што ја започна претходниот градоначалник Петре Шилегов сега веќе подолг период тапка во место.

Реконструкцијата на концертната сала започна во октомври минатата година. Со усвојување на ребалансот на Буџетот за 2020 година, Владата и парламентарното мнозинство за овој култен објект во Скопје, одвоија средства во износ од 120 милиони денари.

Слични содржини