Симптоми кои укажуваат на недостаток на цинк

од Vladimir Zorba
529 прегледи

Цинкот е минерал кој има многу придобивки за нашето здравје. Го зајакнува имунитетот, влијае на растот на косата и ноктите, но и на здравјето на кожата. Има важна улога во синтезата на ДНК и во заздравувањето на оштетените ткива, а има големо влијание и на сетилата за вкус и мирис.

Цинкот може да се конзумира преку одредени намирници или во вид на суплементи, а го има и во многу препарати за обновување на кожата.

Но, како да препознаете дека на вашето тело му недостасува цинк? Според Healthline, постојат неколку симптоми кои укажуваат на недостаток на овој важен минерал.

Тоа се: необјаснето слабеење, рани кои воопшто не зараснуваат, недостаток на енергија и хроничен замор, проблеми со сетилото за мирис и вкус, дијареа, губење на апетит и отворени рани на кожата.

Секој од овие симптоми е предупредувачки знак бидејќи, покрај недостаток на цинк, може да укаже на многу други сериозни здравствени состојби кои треба да се третираат. За да се помогне во поставувањето соодветна дијагноза, се мери нивото на цинк во крвта, а третманот се состои во земање додатоци на цинк.

Фактори на ризик

Ако сте бремени и имате недостаток на цинк, вашето бебе може да го нема она што му е потребно за правилен развој. Експертите предупредуваат дека недостатокот на цинк е еден од главните проблеми при планирањето на бременоста. Тоа е затоа што недостатокот на цинк може да доведе до импотенција кај мажите.

Луѓето со најголем ризик од недостаток на цинк се доенчињата и постарите возрасни лица. И на трудниците им треба повеќе цинк од вообичаено бидејќи цинкот во нивното тело е потребен за правилен развој на детето.

Голем ризик се и луѓето зависни од алкохол, а истражувањата покажуваат дека причината за тоа е што алкохолот во организмот ја отежнува апсорпцијата на цинкот.

Слични содржини