Владата е во разговори со партијата Алијанса за Албанците (АА) за нејзино приклучување, но уште е рано да се зборува за некаков епилог. Вака вчера информира претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
-Беше отворена и оваа тема. Средбите со нивни претставници ги остварив јас. Ги има остварено и Ковачевски со Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес. Ние, како Албанци имаме потреба за поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на остварување на мисијата, рече Ахмети од партиското седиште во Мала Речица.
Од Владата во петокот соопштија дека состанокот на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на АА, Арбер Таравари e продолжување на разговорите кои беа започнати на лидерската средба која се одржа во Собранието на 7 ноември 2022 година.
-Оваа средба е една од низата средби кои претседателот на Владата, Ковачевски ќе ги оствари во наредниот период со претседателите на сите политички партии застапени во Парламентот, а кои се однесуваат на суштински разговори врзани со европската иднина на Северна Македонија, истакнаа од Влада.
Претходно премиерот директно негираше дека се преговара за влез на Алијанса во Владата. Ковачевски тврди дека не разговарале со Таравари за влез во Владата или за некои ресори во кои би била преземена одговорност.
Таравари истакна во петокот дека со Ковачевски разговарале за европскиот пат на Македонија, како и за борбата против корупцијата и функционирањето на правната држава.
-Исто така зборевме и за блокираните закони, што се однесува до европски закони, кои Алијанса цело време ги поддржуваше и ќе продолжи да ги поддржува. Немаме отворено разговори за влез во Владата, но кога ќе имаме ќе го кажеме тоа и ќе бидеме траснпарентни, нема што да се крие. Официјално и неофицијално се уште не добивме понуда. Ако имаме тоа ќе го кажеме. Преговараме, рече Таравари како одговор на новинарско прашање.
-Ако има преговори, на крај ќе одлучат партиските тела и членството на партија. Не ја отфрлам опцијата за преговори во Влада, но засега немало преговори, истакна претседателот на АА.