Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вчера информираше дека дошло до блокада на Буџетот на Град Скопје. Според неа, ова се должи на „нестручните и несоодветни амандмани за ребаланс на буџетот поднесени од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ“.
-Со ова скопјани се оставени на милост и немилост, не може да се рерализира ниту еден од планираните проекти. Ниту ФК Вардар ќе добие помош, ниту граѓаните ќе ги добијат планираните субвенциите поради економската криза, рече Арсовска.
Таа изјави дека лицемерието на советниците од ВМРО-ДПМНЕ се гледа и во нивното инаетење.
-Иако беа предупредени од страна на стручните служби на градот Скопје и тоа на комисијата за финансирање која се одржа пред седницата каде се разледуваше ребалансот на буџетот дека во оваа форма амандаманите ќе го блокираат буџетот, тие одбија да ги преработат за да бидат функционални. Оттука не може да заклучиме ништо друго освен дека Трајко Славески и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги исполнуваат единствено желбите на нивниот лидер Христијан Мицкоски за што директна штета трпат Скопје и скопјани, нагласи Арсовска.
Арсовска информираше дека е поднесена и претставка до Инспекторатот за локална самоуправа, а како што изјави „срамот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и штетата на блокадата на Град Скопје” ќе се обидат да ја надминат во интерес на граѓаните.
Се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека „Буџетот на градот е блокиран поради неспособноста на Арсовска и желбата да прави политика“.
-Не се вистина тврдењата дека буџетот е блокиран поради ВМРО-ДПМНЕ, туку тој е блокиран поради неспособноста на Арсовска и желбата да прави политика дури и од носење на ребаланс. Ребалансот е изгласан така како што беше предложен од Арсовска и градот Скопје дополнет со амандмани предложени од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за помош на ФК Вардар, за субвенции за социјално ранливи категории, за други инфраструктурни проекти. Ставките од кои се црпеа овие средства се истите кои беа ставени на увид од градот Скопје. Арсовска е должна да каже зошто е потрошено повеќе средства од тоа што е прикажано, и зошто не ја прифати отворената понуда на поранешниот министер за финансии и актуелен претседател на Совет Трајко Славески да се состави амандман со кој ќе се изнајдат средствата кои се потребни за исполнување на амандманите. Арсовска свесно го доведе градот во ситуација на блокада за да потоа го обвини ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да политизира нека се стави над ситуација и нека почне да решава проблеми, стои во соопштението од „Белата палата“.