Министрите за надворешни работи на НАТО денеска ги продолжија разговорите на состанокот во Букурешт, на кој ќе се сретнат со партнерите од Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претходно најави дека НАТО сака поблиску да соработува со другите партнери, како што се Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија.
„Нашите тројца партнери се соочуваат со руски притисок на различни начини“, наведе Столтенберг.
„Затоа, на средбата ќе преземеме дополнителни чекори за да им помогнеме да ја заштитат својата независност, да ја зголемат нивната отпорност и одбрана“, додаде тој и предупреди да не се навлегува во нова стратешка зависност, овој пат од Пекинг.
Во текот на вчерашниот ден главна тема на конференцијата беше Украина, на која ѝ беше ветена зголемена помош.
Состанокот, како што истакна генералниот секретар на НАТО, испрати силна порака за единство на Алијансата и поддршка за Украина.