Поставив прашање до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дали при негови средби со странски и домашни политичари на состаноците што ги има, им вели дајте ми власт и тогаш ќе го сменам Уставот на државата. Тоа е прашањето што го поставив до него, повтори денеска премиерот Димитар Ковачевски како одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
На дополнително прашање да даде повеќе детали околу ова тврдење, Ковачевски додаде дека странски политичари доаѓаат во земјава и тоа што го постави, според него, е легитимно прашање.
Ковачевски синоќа на трибината на СДСМ од Куманово упати прашање до Мицкоски.
-Дали на странските политичари кои доаѓаат во државата, вклучитечлно и на домашните политичари, на состаноците што ги има со нив им вели: “Дајте ми власт и ќе го сменам Уставот“ Нека одговори па нека чујат и странците и нашите граѓани, истакна премиерот и претседател на СДСМ.
Во однос на негов таен состанок со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, премиерот категорично го отфрли како неточно и објасни дека сите негови состаноци се јавни.