Гледачи се собираат да го видат истекувањето на лава од Мауна Лоа на Хаваите, најголемиот активен вулкан во светот, кој почна да еруптира оваа недела за првпат од 1984 година.
Бидејќи Агенцијата за управување со вонредни состојби на Хаваите соопшти дека нема знаци дека лавата ќе ги загрози населените области, десетици луѓе, вклучително и семејства со деца во пижами, пристигнуваат во близина на вулканот.
Столици и вреќи за кампување
Луѓето вадат столици и вреќи за кампување од своите возила и се сместуваат за да го набљудуваат чудото на природата неколку часа. Локалните уметници дури се појавуваат за да ја насликаат ерупцијата.
Протоците на лава од Мауна Лоа почнуваат да се забавуваат и да се шират, соопштија властите, и остануваат оддалечени повеќе од пет километри од блискиот автопат.
Опсерваторијата за хавајски вулкани на Американскиот геолошки институт во својот најнов билтен за Мауна Лоа објави дека главниот тек на лава се движи со брзина од 40 метри на час.
Исто така се наведува дека сè уште се детектирани сеизмички потреси во областа, што значи дека магмата сè уште стигнува до пукнатините, па активноста најверојатно ќе продолжи.