Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен денеска во Тирана изјави дека процесот на проширување на Европската унија повторно доби замав и дека Унијата сега многу поинтензивно соработува со Западен Балкан.
Фон дер Лејен по пристигнувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан рече дека овој нов импулс во процесот на проширување се докажува со многу почести средби отколку во последните години.
Потсетувајќи дека неодамна ги посетила сите земји од Западен Балкан, дека се одржал самитот на Берлинскиот процес и дека пред неколку месеци веќе бил одржан самит ЕУ-Западен Балкан, таа нагласи дека тоа е многу јасен напредок.
Според неа, на денешниот самит во Тирана ќе се разговара за практичен напредок во различни области, вклучително и области кои ја оптоваруваат самата ЕУ, како што е енергетската безбедност.
„Подготвивме пакет за Западен Балкан кој е одраз на она што го прави ЕУ и кој содржи 500 милиони евра кои земјите од регионот ќе ги искористат за да им помогнат на своите домаќинства и бизниси во овие тешки времиња“, рече Фон дер Лејен.
Таа додаде дека пакетот содржи уште 500 милиони евра за директни инвестиции во инфраструктурата за зелената енергија на иднината, како што се сончевата и ветерната енергија.
Фон дер Лејен рече дека ќе се разговара и за други теми, како роаминг и економски напредок.
Запрашана за влијанието на војната во Украина, таа рече дека не е само руската агресија врз Украина, туку се работи и за тоа дали ќе надвладее автократијата и владеењето на силата или демократијата и владеењето на правото.
Според неа, ова „борење“ е забележано и на Западен Балкан, каде и Русија и Кина се обидуваат да го прошират своето влијание, но сепак ЕУ е најголемиот инвеститор и најблизок партнер во регионот.
„На вас е да одлучите на која страна сте. На страната на демократијата, која е ЕУ која е ваш пријател и партнер, или сакате да одите на друг начин. Ова се основните прашања за кои ќе разговараме. Забележувам со сите шест земји од Западен Балкан дека членството во ЕУ и ЕУ се нивни приоритетни цели и токму тоа го поддржуваме“, рече претседателката на Европската комисија.