Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев денеска објавувајќи фотографии соопшти кој е главниот виновник за хаосот со јавниот превоз во Скопје и блокадите од приватните превозници. Според него, вината е кај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски, Трајко Славески, денешен претседател на Советот на град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
-Ако денес не успеавте да стигнете на вашиот однапред закажан лекарски преглед. Ако денес не успеавте да го огнесете вашето детенце во градинка или во училиште. Ако денес не успеавте да стигнете на вашето работно место или на факултет и притоа во гужвата видовте заглавено возило на пожарна или на брза помош сетете се дека позади овие блокади и хаос стојат луѓе со име и презиме, посочи Богоев.
Богоев објави слика која е направена на денот на локалните избори лани, пред околу една година. Направена е пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него денес луѓето од оваа слика се наводно скарани за тендер и провизии од повеќе од 130 милиони евра.
Тој не го поштеди ниту директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.
-Присутен на сликата во друштво со Христијан Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ видно расположени што би рекол народот со ѓезме и со мезе. Ленин Јовановски важи за долгогодишен поддржувач на политиките на Никола Груевски, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, истакна Богоев и додаде:
-Доста беа блокади во Собранието, доста беа блокади во државата, доста беа блокади на евроинтеграциските процеси. Граѓаните и СДСМ бараат веднаш да прекине и блокадата на главниот град која што има име и презиме и виновници позади истата, изјави Богоев.