Спречен државен удар во Германија, приведени 25 лица

од Stefanija Kuzmanovska
258 прегледи

Во Германија се приведени 25 лица, кои се осомничени дека планирале државен удар со упад во Бундестагот.

Според извештаите, постои сомневање дека се членови на терористичка организација или ја поддржувале.

Германската полиција спроведува голема операција против десничарските екстремисти кои се осомничени дека планирале упад во Бундестагот, пренесува „Шпигел“ повикувајќи се на извори.

Според извештаите, специјалните сили истовремено спроведуваат операции во 11 сојузни држави. По наредба на Обвинителството приведени се 25 лица кои се осомничени дека се членови на терористичка организација или дека ја поддржуваат. Како што се наведува, тие се дел од терористичката група „Граѓани на Рајхот“.

Претресот е извршен во 130 куќи, канцеларии и други објекти. Се нагласува дека планот на екстремистите бил да извршат вооружен напад врз парламентот и да ги држат во заложништво политичарите. Тие очекувале дека некои делови од безбедносните структури ќе се солидаризираат со нив, што ќе овозможи државен удар.

Обвинителството соопшти дека меѓу приведените е и една руска државјанка. Според Обвинителството, таа е осомничена дека посредувала меѓу водачите на заговорниците и претставници на Русија. Уапсените се осомничени дека се обиделе да воспостават врска со претставници на Русија, но не добиле поддршка, додаваат од Обвинителството.

Обвинителството истакна дека нема причина да се сомнева дека руските функционери ги поддржувале заговорниците.

Осомничените планирале да формираат привремена воена влада и да водат преговори со голем број земји. Германското обвинителство објави и дека многу од приведените биле во служба на Бундесверот.

Слични содржини