Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА наведе дека крајната цел од членството во ЕУ се обезбедување придобивки за граѓаните и просперитет и стабилност на државата.
„Квалитетот на живот во Европа е нашата крајна цел и затоа јас често велам дека членството нам не ни е потребно само за да кажеме дека сме земја-членка на ЕУ, туку за да го промениме нашето општество кон подобро. Подобра инфраструктура, подобро образование, здравство итн. Дополнително, она што е многу важно во овој контекст да се напомене е фактот дека со членството во НАТО и сега веќе и отпочнатите преговори, ние важиме за безбедна и сигурна земја во која инвеститорите сакаат да инвестираат. И тоа е веќе видливо, изминативе 10 месеци ние успеавме да обезбедиме нови 2.000 добро платени работни места за нашите граѓани преку новите странски и домашни директни инвестиции. Никој не сака да се занимава со земја која е заглавена во место, заглавена во минатото, но, денес со сите напредоци кои ги постигнавме, ние сме дестинација во која компаниите сакаат да инвестираат. И тоа и на краток и на среден и на долг рок, е огромна придобивка за граѓаните – подобри работни места, подобро платени работни места, повисок животен стандард итн.“, рече Ковачевски.