Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека барикадите што ги поставија Србите на северот на Косово се повик за мир и повик до меѓународната заедница да почне да си ја врши работата.
Земјите од Квинте, заедно со високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, бараат да се отстранат барикадите на север затоа што се нелегални, напиша Брнабиќ на Твитер и го критикуваше Брисел.
„Не беа толку гласни“ кога косовската полиција го прекрши Бриселскиот договор влегувајќи на север со долги цевки, во општините со српско мнозинство“, рече таа.
„Со барикадите јасно го изразуваат својот протест и тоа го прават мирно“, рече Брнабиќ.
Брнабиќ ги предупреди претставниците на меѓународната заедница дека не реагирале кога на Србите им било ускратено правото да гласаат на избори, ниту кога Приштина „го конфискувала нивниот имот за да создаде нелегални воени бази“, ниту (реагирала на) 136 инциденти кога биле нападнати српски семејства во Косово
– Внимавате само кога се на барикадите – истакна таа.
Барикадите „не се само начин да се покаже незадоволство и очај“ или дека се загрозени нивните основни човекови права, туку и начин „да се заштити бриселскиот договор“, тврди Брнабиќ, која инсистира ЕУ да го гарантира тој договор од 2013 година.
– Барикадите се повик за мир и повик за акција на меѓународната заедница… Србија ги почитува сите потпишани договори: Брисел, Вашингтон, како и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и Повелбата на ОН. Тоа се нашите вредности“, напиша Брнабиќ на Твитер.