Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е веќе изготвен и се очекува текстот наскоро да се најде на одобрување на владина седница. По повеќегодишен застој, Министерството за култура во соработка со лингвистите успеа да изнајде начин да ги надмине предизвиците околу кои фелата полемизираше.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска потврди дека лингвистите од Институтот биле консултирани за време на подготовката на новото законско решенија.
-Текстот на Предлог-законот го подготви Советот за македонски јазик што во својот состав има истакнати професори од Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од Педагошкиот факултет “Св. Климент Охридски”, од Педагошкиот факултет при УКЛО во Битола и еден афирмиран новинар од МРТВ. Пред дваесетина дена Советот го достави Предлог-законот до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во текстот се земени предвид мислењата од фелата дадени на јавната расправа што се одржа во 2020 година. Тоа беше изборна година и затоа документот остана да чека. Во меѓувреме, се покажа потребата од донесување нов закон за употреба на македонскиот јазик. Минативе месеци Советот ги направи последните измени и дополнувања на Предлог-законот, а министерката одлучи да ја финализира процедурата, за што сме и’ благодарни, изјави Јованова-Грујовска.
Таа потврди дека главниот акцент во предлог-законот е ставен на правилната употреба на македонскиот јазик.
-Со новиот Предлог-закон се предвидуваат повеќе законски решенија што ќе придонесат за правилна употреба, негување и афирмација на македонскиот стандарден јазик. Се предвидува задолжително вработување лектор во сите државни и јавни институции, како и во електронските и другите медиуми. Досегашната регулатива предвидуваше доказ за ангажирање лектор, што се покажа недоволна и лесна за манипулација. Сега законот предвидува казни за институциите, но и за лекторите што лошо си ја вршат работата или дозволуваат да им се злоупотребува името. Нашиот предлог е висината на казните да биде иста со оние од Законот за употреба на јазиците, вели проф. д-р Елена Јованова-Грујовска.
Претходно министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во телевизиско гостување кажа дека текстот во моментов се разгледува од правен аспект. Таа додаде дека пред испраќањето во Собрание на нацрт-законот, текстот ќе биде претставен за јавна расправа.
-Законот за употреба на македонскиот јазик всушност предвидува мерки за тоа како да се промовира македонскиот јазик, како правилно да се имплементира… Тој закон предвидува стратегија за македонскиот јазик. Оние спорни делови, кои беа причини законот да се стопира во 2020 година сега се отстранети, бидејќи постои начелен договор за тие моменти поинаку да се регулираат, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа додаде дека Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува лектори во секоја државна институција, но и поголеми казни за оние што не го употребуваат како што треба македонскиот јазик, соодветно со лекторите.
-Тој предвидува и афирмација во градинки и училишта. Советот за македонскиот јазик е составен од професионалци, коишто долги години се занимаваат со оваа тематика и точно знаат каде треба да се реагира и тие извесен период работеа на тој закон, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Инаку, на текстот на Законот активно работеше Советот за македонски јазик, а првиот човек на овој совет, професорот Људмил Спасов, неодамна изјави дека пролонгирањето се должело на многубројни противења во јавноста, но, сепак, е оптимист дека за кус период Законот ќе биде доставен до Министерството за култура, кое е воедно и негов предлагач.
-Главните забелешки беа нема да верувате околу една работа ние сакавме да го вградиме во новите измени и дополнувања прашањето за лекторатите по македонски јазик на странските универзитети, меѓутоа наидовме на големо противење токму од нашава средина и, за жал, тоа сега нема да биде вградено ќе го ставиме во мирување. Меѓутоа ќе дојде време кога тоа ќе мора да се решава на државно рамниште, затоа што секоја држава се грижи за пласманот на својот јазик на странските универзитети и тоа мора да се решава на таков начин, рече Спасов.
Во предлогот пак од 2020 година се уредува употребата на македонскиот јазик, како службен јазик во Македонија. Македонски јазик, во смисла на законот, е македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. Употребата на македонскиот јазик, во смисла на овој закон ги опфаќа неговата заштита, унапредување и збогатување.
„Македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката“, се пропишува во Законот.