Ако премиерот ни даде гаранции дека ќе се реши проблемот, веднаш ќе ги тргнеме возилата. Не гледам причина зошто прво да не не прими. Гаранциите е да се вратиме на линиите кои ги опслужувавме и состојбата со долгот да се разреши. Градскиот превоз сериозно трпи и премиерот треба да најде модел да не врати да возиме. Со големи потешкотии се врши јавниот превоз, рече денеска претставникот на „Слобода превоз“ Кемал Муриќ за блокадите и протестите на приватните превозници.
Тој го повтори ставот за средба со премиерот Димитар Ковачевски и побара одземање на ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска за превозот.
-Треба да се договориме со премиерот. Се работи за интересот на граѓаните. Со една одлука веднаш да бидеме вработени на работа и проблемот да се решава со преговори. Не ни е проблем кој ќе учествува заедно со нас во тие преговори, потенцира Муриќ.