Со градоначалничката на Град Скопје, која е „маќеа на градот“ нема надеж за решавање на проблемот, вака денеска порача претставникот на приватните превозници, Кемал Муриќ.
Тој истакна дека превозниците се подготвени за преговори и ќе ги тргнат автобусите, само ако добијат гаранција од премиерот Димитар Ковачевски за решавање на проблемот.
-Ако премиерот ни даде гаранции дека ќе се реши проблемот, веднаш ќе ги тргнеме возилата. Не гледам причина зошто прво да не не прими. Гаранциите е да се вратиме на линиите кои ги опслужувавме и состојбата со долгот да се разреши, рече Муриќ.
Ковачевски најави дека е можна средба со приватните превозници, но постави неколку барања.
-Не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Скопје. Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Град Скопје. Мора да се види дека нема надлежност Владата во делот на јавниот превоз во Скопје. Трето, се работи за должничко-доверителски односи меѓу приватни компании и јавно претрпријатие во надлежност на градот, рече премиерот на прес-конференција.
Возачите на автобусите на приватните превозници велат дека повеќе од 200 семејства се на раб на издржливост заради неисплатениот долг, додека во меѓувреме, градските власти ги отфрлуваат наводите дека им должат пари на компаниите.