Светиот синод на Бугарската православна црква (БПЦ) одлучил да го признае томосот со кој Српската црква (СПЦ) ѝ дава автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), објавија бугарските медиуми.
Сепак, синодот на БПЦ смета дека МПЦ-ОА треба да се нарекува „Православна црква во Република Северна Македонија“, стои во текстот на бугарски црковен сајт.
-Во духот на методолошките насоки што ги постави митрополитот Волоколамски Антониј, Синодот на БПЦ реши да го префрли фокусот од најважната тема во моментот – Томосот за автокефалноста на Украинската православна црква, на помалку важната тема – признавањето на лажниот томос од Српската православна црква, која го достави на т.н. „Македонска православна црква“-Охридска архиепископија. Бугарската црква го признава овој лажен „томос“. Во однос на името „Охридска Архиепископија“, Синодот смета дека оваа црква треба да се вика „Православна црква во Република Северна Македонија“, пишува црковниот сајт.
Според медиумот, бугарскиот патријарх Неофит во своите диптиси на Божик ќе го вклучи и името на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, но како „архиепископ скопски Стефан“, бидејќи БПЦ „не ја признава титулата со која што вселенскиот патријарх Вартоломеј ги прими во литургиско сослужување архиепископот Стефан и МПЦ“.
-Името што Бугарската црква ќе го користи за Охридската Архиепископија е „Црква во/на Република Северна Македонија“ или нешто слично, за да не се создаде тензија со црквите што зборуваат грчки. Секако, Бугарската патријаршија во своето коминике поконкретно ќе каже какво име ќе ја нарекува оваа црква, како и составните делови на името, стои во текстот на сајтот.
Бугарската православна црква летово се приклучи на одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА.
Со ова практично Бугарската црква е четвртата црква во православниот свет, која донесе одлука за сослжување со МПЦ-ОА, по Вселенската патријаршија, Српската црква и Грчката (која ја поздарви одлуката).
Кога ќе се случи првото официјално сослужување меѓу МПЦ-ОА и БПЦ, засега нема најава.