Претседателката на Парламентарното собрание на НАТО (ПС на НАТО), Жоел Гарио-Мејлам, ја изрази својата загриженост за ситуацијата на северот на Косово и повика на итно отстранување на барикадите, соопшти ПС на НАТО.
Мејлам истакна дека патот кон напредок мора да се дефинира преку континуирани и конструктивни преговори меѓу Белград и Приштина, пренесува „Коха диторе“.
„Сите страни мора да останат посветени на дијалогот со посредство на ЕУ“, рече Мејлам.
Таа повика на воздржување од насилство и провокативни дејствија и деескалација на ситуацијата.
Мејлам оцени дека заканите, заплашувањето и насилството, како што тврди таа, од „вооружени лица“, вклучително и нападот на извидничката патрола на ЕУЛЕКС на Косово, се неприфатливи.
Воедно, таа ја поздрави неодамнешната одлука на властите во Приштина за одложување на локалните избори во четири општини на северот на Република Косово, оценувајќи дека тоа е конструктивен чекор „со оглед на сегашниот контекст“.
Мејлам истакна дека НАТО јасно стави до знаење дека КФОР останува исклучително буден и целосно способен да го изврши својот мандат на ОН на Косово.