Претседателот Стево Пендаровски денеска порача дека има голема забуна околу американскиот тим за санкции кој треба да истражува корупција во земјава.
-Тоа не е тим на истражители. Тие не се правници и немаа контакти со судови, обвинители или политичари. Тоа се дипломати од Стејт Департмент. Доаѓале порано и ќе доаѓаат и понатаму. Сосема автономно ја формираат таа црна листа со лица и ентитети под санкции. Ќе бидеме во голема заблуда ако мислиме дека некој друг ќе ја заврши нашата работа. Тие не доаѓаат да ја завршат мојата работа или работата на судовите и обвинителствата, кажа Пендаровски.
Претседателот потврди и дека причината поради која е одложена посетата на советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле на земјава е бидејќи заболел од ковид. Тој вчера телефонски разговорал со Шоле, а најавите се, вели, дека посетата на регионот, а во тие рамки и на Скопје, ќе се реализира на крајот на јануари, при што Шоле ќе биде придружуван од заменик помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар.