Македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе биде двојно честуван на „Софија филм фест“ (СФФ): ќе биде претставена целосна ретроспектива на творештвото на Манчевски – неговите седум долгометражни филмови и два од краткометражните, а тој ќе биде и претседател на меѓународното жири на 27. издание на „Софија филм фест“ (СФФ) (16-26 март 2023 година).
Во рамките на фестивалот ќе биде прикажан и најновиот филм на Манчевски, црната комедија „Кајмак“, најгледан филм во Македонија годинава. „Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж и во копродукција со МРТВ, која ја имаше светската премиера на Токискиот филмски фестивал, најголем фестивал од А-категорија во Азија и деновиве сè уште се прикажува во македонските кина.
Во 1995, во програмата на СФФ беше прикажано дебито на Манчевски, „Пред дождот“ (кој освои номинација за Оскар и 11 награди во Венеција, вклучувајќи го и Златниот лав), а во 2020 тој повторно гостуваше во Софија за да го претстави својот филм „Врба“ кога доби и специјална награда на СФФ.
Минатата недела Манчевски беше претседател и на жирито на меѓународен фестивал во Рим.