Милков: Продолжуваат проблемите со правата на Бугарите во Македонија

од Nikola Popovski
196 прегледи

„МВР на Северна Македонија продолжува со акциите со кои дејствијата на бугарските здруженија во земјата ги опишуваат како репресивни. Продолжуваат да се појавуваат проблеми со правата на Бугарите“, рекол вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков на прес-конференција.

„Луѓето се повикани на сослушување, наместо да се бараат вистинските виновници“, додал тој.

Милков вели дека „нема резултат во потрагата по вистинските виновници што создава чувство на неказнивост и атмосфера на страв кај етничките Бугари“.

Според него, „институциите на Северна Македонија не ја земаат предвид променетата динамика во билатералните односи и обврските што земјата ги има преземено кон Европската Унија и Бугарија“.

„Позитивниот пристап на двете министерства за надворешни работи не се претвора во конзистентна политика, ниту во поединечни позитивни акции на кој било друг ресор на Северна Македонија“, смета министерот, цитиран од БТА.

По повод еднодневната посета на Скопје минатата недела, Милков вели дека имал разговори со неговиот македонски колега Бујар Османи.

„Се обединивме околу идејата дека треба да продолжиме со нашите обиди да создадеме позитивен пристап и подобра динамика во нашите односи. Позитивна агенда која може да и го обезбеди на владата во Скопје неопходен душевен мир за спроведување на бараното од ЕУ, вклучително и во однос на уставните измени. Ова се покажува како тешка задача“, нагласил Милков.

Ваквите ставови следуваат откако обвинение за ширење на расистички и ксенофобичен материјал беше поднесено против претседателот на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола, Љупчо Георгиевски.

Георгиевски треба денес на 16-ти декември да се појави во Обвинителството во Битола. Во спротивно, тој ќе биде присилно донесен, пишува во поканата на обвинителството, која била испратена на почетокот на декември, пренесоа бугарските медиуми.

Бугарскиот клуб „Иван Михаилов“ е формиран пред три години, а официјално беше отворен во април годинава. Само десет дена по откривањето, влезната врата беше запалена, а како сторител беше обвинет пејачот Ламбе Алабаковски.

Пред речиси два месеци, Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека клубот „Ванчо Михајлов“ ги дискриминира и вознемирува борците од антифашистичката Народноослободителна борба (НОБ), македонскиот народ и етничките заедници.

Слични содржини