Семејството на Синиша Михајловиќ соопшти дека легендарниот српски ас ќе биде погребан на 19-ти декември во Рим. Поранешниот стратег на Болоња почина во текот на вчерашниот ден на 54-годишна возраст, по три и пол годишна борба со болеста леукемија.
Во текот на вчерашниот ден буквално од сите краишта на планетата пристигнаа пораки со сочувство до семејството на Михајловиќ.
„Храбро се бореше против страшната болест, им благодариме на лекарите и медицинскиот персонал кои со години го следеа со голема љубов и почит. Синиша ќе остане засекогаш со нас“, соопштија од семејството.
Синиша Михајловиќ остави голема трага во италијанскиот фудбал. Во таа земја живееше од 1992 година кога од Звезда премина во Рома, а ги бранеше и боите на Сампдорија, Лацио и Интер, а подоцна стана тренер на Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан, Торино и Болоња.