Маричиќ: После 17 години чекање европската иднина на земјата е во наши раце

од Nikola Popovski
131 прегледи

Далечната 2005 година добивме кандидатски статус за членка на ЕУ, а овој 17 декември Северна Македонија е земја која преговара со Европската Унија. Направивме историски чекор во евроинтеграциите. Денес имаме задача пред овој државнички проект да застанеме одговорно и со силна политичка волја за темелни реформи, успешно да го завршиме. Тоа е наша обврска кон граѓаните, се потсети денеска вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ преку објава на социјалните мрежи.

Како што потенцира Маричиќ, поминавме „17 години успеси и падови, напредок и назадување на европскиот пат, но веќе немаме време за губење“.

-Со јасен план и визија, зад која треба да застанеме сите, фокусирани на реформската агенда, мораме брзо да напредуваме во процесот и граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ. Темпото на скрининг процесот се одвива според предвидениот календар од Европската комисија. Успешно го завршивме билатералниот скрининг за Кластер 1, ,,Фундаментални вредности”, во јануари продолжуваме со билатералните состаноци за Кластер 2 и тоа за Поглавјата 3, 6 и 7, односно „Право на основање и слобода на давање услуги“, „Право на трговски друштва“ и „Право на интелектуална сопственост“, објави Маричиќ.

Вицепремиерот е дециден дека немаме повеќе блокади од никого.

-Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Да не бидеме самите на себе следно вето, истакна Маричиќ на својот Фејсбук профил, додавајќи дека „2030 реална година за членство на Северна Македонија во ЕУ, заедно да ја оствариме“

Слични содржини