Таравари се надева Франција ќе го одбие Димовски за амбасадор

од Nikola Popovski
145 прегледи

В.д. лидерот на Алијанса за Албанците (АА) Арбер Таравари не се согласува со евентуалното испраќање на поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски за амбасадор во Франција. Според него, Димовски имал блиски врски со Србија.

-Оценувам дека Виктор Димовски е неподобен и недостоен кандидат за да врши дипломатски функции и да ја претставува земјата, и тоа, поради многу причини. Минатото на Димовски предизвикува загриженост кога станува збор за неговите блиски односи со Србија, истакнати од нашите американски партнери, а сега веќе познати и на јавноста, рече Таравари на прес-конференција.

Според Таравари, Димовски ги прекршил основните права на повеќе од 20 000 граѓани на оваа земја, на коишто од страна на Агенцијата за национална безбедност арбитрарно им е ускратено правото за државјанство на Северна Македонија.

Тој потсети дека како што САД го одбиле Фрчковски, ЕУ ја одбила Арифи, затоа посакува и се надева дека Франција ќе го одбие Димовски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информираше дека очекува да се одржи консултација со шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски и да се одлучи дали Димовски ќе стане амбасадор во Париз, по случајот со државјанството на контроверзниот Украинец, Олесандар Онишченко.

Агенцијата за национална безбедност е една од институциите, која дала позитивно мислење Онишченко, кој е на црната листа на САД, да добие македонско државјанство. Веќе е назначен нов директор на оваа институција Зарко Милошевски, на местото на Димовски.

Слични содржини